Тој тврди дека одлуката за одземање на овластувањата кои на Ристоска ѝ биле дадени од претходните обвинители не е персонална и насочена кон нејзината работа

Државниот јавен обвинител Ненад Савески изразува жалење за оставката на обвинителката Ленче Ристоска велејќи дека за причините за ваквата одлука дознал од медиумите.
Во реакцијата од Савески се вели дека Ристоска за одлуката го известила преку СМС-порака.
Савески вели дека со заминувањето на Ристоска од обвинителската функција, Јавното обвинителство останува без обвинител од кого очекувал дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда.
Тој тврди дека одлуката за одземање на овластувањата кои на Ристоска ѝ биле дадени од претходните обвинители не е персонална и насочена кон нејзината работа.
Целта вели дека била од организациска природа за зголемување на ефикасноста на институцијата.
Савески упатува порака до сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволат ништо да влијае врз професионалниот интегритет и секојдневната работа.
„Ги повикувам сите општествено влијателни субјекти да создадат атмосфера во која угледот на обвинителството нема да се загрози, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани“,
вели Савески.
Вели дека сите одлуки што ги носи од почетокот на извршувањето на оваа функција се во насока да се гарантира независноста и самостојноста во работењето на Јавното обвинителство.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата. Ваквиот потег доаѓа како резултат на, како што вели таа, долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години.
