До Основниот суд во Гостивар е доставен предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можно влијание врз сведоци и прикривање на трагите

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против 33-годишен маж под сомнение за свирепо убиство на сопствениот татко во населбата Дутлок. Настанот бил откриен по анонимна пријава, иако осомничениот веќе започнал со подготовки за погреб.
Според информациите од Обвинителството, трагедијата е резултат на претходни меѓусебни недоразбирања.
По кратка расправија, синот физички го нападнал својот татко, задавајќи му удари со рацете и со тврди метални предмети.
Од тежината на здобиените повреди, таткото починал на лице место.
Осомничениот, наместо да пријави по извршеното убиство, се обидел целосно да ги избрише трагите, а телото на починатиот било измиено и подготвено за погреб.
Планот на осомничениот бил откриен по анонимна пријава од странски телефонски број. По пријавата, полициските службеници и јавен обвинител извршиле увид на лице место, по што веднаш била наредена обдукција.
Обвинителството го сомничи лицето за кривично дело убиство според член 123 од Кривичниот законик.
До Основниот суд во Гостивар е доставен предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можно влијание врз сведоци и прикривање на трагите.
За случајот вчера информираа и од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што рекоа дека е уапсен 34-годишник од Гостивар откако во полициската станица машко лице пријавило дека се сомнева за убиство на член од неговото семејство.
