Првите банкноти од 100 долари со потписот на Трамп и потписот на американскиот секретар за финансии Скот Бесент ќе бидат испечатени во јуни, по што во наредните месеци ќе следуваат и други банкноти
Од следното лето потписот на претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе стои на американскиот долар, пренесува Ројтерс.
Според американското Министерство за финансии, тоа е првпат потпис на сегашен претседател да фигурира на американските банкноти.

Редизајнираните банкноти, планирани да ја одбележат 250-годишнината од американската независност, првпат по 165 години ќе го испуштат потписот на американскиот благајник, кој му поднесува извештаи на секретарот за финансии и ја надгледува Канцеларијата за гравирање и печатење, Ковачницата на пари на САД и другите функции на Министерството за финансии.
Првите банкноти од 100 долари со потписот на Трамп и потписот на американскиот секретар за финансии Скот Бесент ќе бидат испечатени во јуни, по што во наредните месеци ќе следуваат и други банкноти.
Потоа, банкнотите би можеле да бидат во оптек во банките за неколку недели.
Министерството за финансии сè уште печати банкноти со потписите на поранешната секретарка за финансии на претседателот Џо Бајден, Џенет Јелен, и поранешната благајничка Лин Малерба, која ќе биде последната во низата благајници чии потписи се појавиле на американската федерална валута од 1861 година, кога првпат беше издадена од владата на САД.
Промената на потписот е најновиот обид на администрацијата на Трамп да именуваат институции, владини програми, воени бродови и монети по него. Неколку јавни објекти, како центарот „Кенеди“ во Вашингтон и меѓународниот аеродром во Палм Бич, веќе ги менуваат своите имиња во чест на републиканецот.
Федералниот одбор за уметност, чии членови се назначени од Трамп, минатата недела одобри изработка на златна монета со ликот на претседателот, што во дел од јавноста предизвика критики за создавање култ кон личноста.
Бесент во изјава рече дека потегот е соодветен за 250-годишнината од САД, со оглед на силниот економски раст на САД и финансиската стабилност за време на вториот мандат на Трамп.
„Нема помоќен начин да се признаат историските достигнувања на нашата голема земја и претседателот Доналд Трамп отколку со банкноти од американски долари што го носат неговото име“,
рече Бесент.
