Поради најавените екстремно силни ветрови, највисоко црвено предупредување е издадено во северна Словенија, Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) издаде посебно предупредување за обилни врнежи кои се очекуваат од утре до недела, а во Хрватска издадено е црвено предупредување за регионот на Загреб поради силни северни и североисточни ветрови

Нагло заладување, силни ветришта и снежни врнежи денеска се регистрирани во земјите од регионот.
Поради невремето, активирани се системите за итно известување и серија метеоролошки предупредувања во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија.
Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) издаде црвено предупредување за регионот на Загреб поради силни северни и североисточни ветрови, кои ќе имаат налети од над 90 километри на час во текот на денот, особено навечер.
‼️Zagrebačka regija‼️
— DHMZ (@DHMZ_HR) March 26, 2026
🔴 Izdano je crveno upozorenje na jak i olujan VJETAR za danas i sutra.
‼️Gospićka regija‼️
🔴 Crveno upozorenje zbog snježne mećave i stvaranja debljeg snježnog pokrivača nastavlja se i sutra.
Vrijeme je izuzetno opasno!
Pratite upozorenja i prognoze na… pic.twitter.com/OOW0ReYIxP
ДХМЗ предупредува дека е можно да има паѓање дрвја и кршење гранки. Исто така, можни се прекини во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија.
Во исто време, во сила е жолто предупредување поради врнежи. Локално, може да наврнат повеќе од 30 милиметри дожд, што го зголемува ризикот од мали поплави и го отежнува сообраќајот.
Жолтото предупредување е исто така издадено поради снег и лапавица. Се очекуваат повеќе од пет сантиметри нов снег, со лизгави патишта и отежнато движење.
Од Хрватскиот автоклуб (ХАК) велат дека сообраќајот се одвива по влажни и лизгави патиштата во поголемиот дел од Хрватска, а поради обилни врнежи од дожд на некои места големи количини вода може да останат на патиштата. Оттаму додаваат дека во крајбрежната зона дуваат силни ветрови, па затоа се во сила забрани за одредени групи возила, додека во Горски Котар и Лика се воведени ограничувања за камиони со приколки и со полуприколки поради снегот и зимските услови.
На возачите им се препорачува да ги приспособат брзината и стилот на возење на условите на патот, да одржуваат безбедно растојание, да не тргнуваат без зимска опрема и, доколку е можно, да го одложат патувањето додека не се стабилизираат временските услови.
Според пишувањата на хрватските медиуми, денес во повеќе делови од Загреб има паднати дрвја, а поради силниот ветер во Риека две лица се повредени поради паѓања, а пожарникарите на Приморско-горската Жупанија имале 19 интервенции за отстранување на пречките за сообраќај, паднати гранки и дрвја.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) издаде посебно предупредување за обилни врнежи кои се очекуваат од утре до недела. Се прогнозира дека во период од 72 часа ќе наврнат од 30 до 60 литри дожд на квадратен метар, додека на планините се очекува нов снег со висина од 10 до 30 сантиметри. Постепеното наоблачување во Србија започна попладнево од западните делови – Бачка, Срем, југозападна Србија, а во текот на ноќта ќе се прошири низ целата земја со нагол пад на температурите и премин на дождот во снег на планините
Поради најавените екстремно силни ветрови, највисоко црвено предупредување е издадено во Северна Словенија, а некои налети на ветер би можеле да достигнат и до 140 километри на час, предупредува словенечката метеоролошка агенција.
Издадени се предупредувања дека се можни паѓање на дрвја, оштетување на покриви и прекини во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, а во некои области ветерот веќе предизвикал проблеми.
Цивилната заштита е во целосна готовност, а за најзагрозените подрачја е најавено активирање на системот за предупредување.
Во Босна и Херцеговина, денеска владее умерено до претежно облачно време со дожд кој најпрвин ја зафати Краина, а во текот на денот ќе се прошири во останатите подрачја. На планините и повисоките делови веќе паѓа лапавица и снег. Ветерот е умерен до силен со повремени силни удари од јужен правец, но се очекува попладнево да ослаби и да ја промени насоката кон запад. Во Сараево температурите се движат околу 8 степени, а кон крајот на денот врнежите ќе преминат во лапавица.
