Според економските експерти, не треба многу да се чека зашто нема знаци дека кризата брзо ќе заврши, а сите анализи покажуваат дека трипати повисок е потенцијалот на сегашната, последна нафтена криза, да ја зголеми инфлацијата

Македонија се соочува со инфлаторен притисок и нафтен шок кој е посилен од кризата во 2022 година, оценија економските експерти на денешната тркалезна маса на тема „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси – случајот на Република Северна Македонија“. Академиците и професорите упатија апел до Владата за итно преземање на посеопфатни мерки, предупредувајќи дека досегашните чекори се недоволни и задоцнети.
Експертите сметаат дека многу подобри ефекти може да се постигнат ако се намалат акцизите зашто тоа директно влијае на цената, а треба да се засили и улогата на антимонополската контрола и на инспекциите.
Според економските експерти, не треба многу да се чека зашто нема знаци дека кризата брзо ќе заврши, а сите анализи покажуваат дека трипати повисок е потенцијалот на сегашната, последна нафтена криза, да ја зголеми инфлацијата.
Инфлацијата во земјата, велат експертите, стана хронична, но во претстојниот период сепак не се очекува нејзино нагло зголемување, туку повеќе растечка, ползечка динамика.
Како што оценија некои од професорите, Македонија ќе биде ранлива ако потрае војната во Заливот зашто во претходната енергетска криза имаше највисока стапка на инфлација од земјите во регионот, но е и увозно зависна. Се очекува натамошен раст на цената на храната бидејќи една третина од ѓубривата за растенијата се тргуваат преку Персискиот Залив.
Академик Таки Фити истакна дека државата мора директно да влијае врз цената на нафтените деривати преку намалување на акцизата, наместо само преку ДДВ. Тој посочи дека во услови на криза, многу фирми се однесуваат монополистички, вештачки зголемувајќи ги цените под изговор на енергетските трошоци.
„Во таква ситуација, трошоците за производство растат и цените растат, но во светот антимонополската комисија прави контрола дали и колку е оправдан тој пораст. Засега остана иста каматната стапка, но ако дојде до заострување на ситуацијата и ако порасне инфлацијата, ќе мора да се дејствува и преку намалување на каматната стапка и битни се прудентните макроекономски политики“,
изјави Фити.

Според него, во ваква кризна, вонредна ситуација, ако продолжат работите да се движат во лош правец, треба да се оди на штедење во буџетот, на ребаланс, на максимално намалување на сите непродутквини трошења. Добро е да се намали и акцизата, да се прогласи штедње и рационално однесување на сите.
Професорот Ванчо Узунов оцени дека инфлацијата во земјата веќе станала хронична појава која секојдневно го осиромашува стандардот на граѓаните. Според него, идејата „не секирајте се, ние следиме и ќе направиме сè што треба“ создава хаос, а не го решава. Владата, вели тој, треба да донесе мерки и да каже јасно и гласно што ќе прави во однос на покачувањето на цената на нафтените деривати.
„Најранливите категории граѓани се веќе осиромашени, а оние што до неодамна не биле под линијата на сиромаштијата, многу големи се изгледите да паднат во сиромаштија до летото. Значи, Владата ќе треба да преземе мерки со кои ќе ги зголеми парите што ги трансферира до ранливите категории, не до сите, не секому и не на сите граѓани, туку на ранливите, за нивниот стандард да не се уништи. Мерките треба да бидат селективни“,
рече Узунов.

Професорот Борче Треновски предупреди дека неизвесноста на глобалните пазари го отежнува проектирањето на економскиот раст. Доколку цената на нафтата надмине 150 долари за барел, тоа значително ќе го забави растот на домашната економија – од 0,3 до 1 процентен поен.
Во оваа ситуација, дополни тој, не постојат нови процени за растот. Сите монетарни и фискални власти од светот се воздржани поради неизвесноста. Кај нас растот проектиран од Владата е околу 3,8 отсто, а од Народната банка околу 3,4 проценти.
„Во овој момент сè уште нема значајни поместувања, бранот е сè уште на делот енергенти и транспорт, сè уште нема значајно зголемување на инфлациските очекувања, но ако продолжи кризата на среден период, тогаш ќе биде ефектуиран и растот зашто нашите најголеми трговски партнери имаат предвидувања дека ќе има ефекти врз нивната економска активност“,
додаде професорот.
Академик Фити, претходно, во контекст на кризата, потсети дека МАНУ има изготвено анализа, според која, земјава има катастрофално лоша ситуација со ефикасноста на јавната потрошувачка, особено во категориите капитални расходи, каде што фискалните мултипликатори цел период се негативни.
Денешната тркалезна маса ја организираа Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, Економскиот факултет – Скопје и Сојузот на економистите на Македонија.
