Тој нагласи дека партијата ќе ги застапува истите идеали врз кои била изградена Алијанса за Албанците

Доскорешниот претседател на крило на Алијансата за Албанците (АА), Зијадин Села, најавува формирање нова политичка партија, која ќе се вика Албански сојуз.
Луѓето што ќе бидат дел од оваа политичка групација, како што вели Села, се реални и оти имаат идеали и ќе продолжат да градат еден силен политички субјект.
Тој нагласи дека новата партија веќе е формирана и дека таа ќе ги застапува истите идеали врз кои била изградена Алијанса за Албанците.
„Не мислиме дека решението е оставка и предавање. Не оставам на случајност, ја создадов таа нова политичка партија. Веќе е формирана и се вика Албански сојуз, има црвено-црни бои и нема да се откажеме од оваа работа. Идејата на Алијансата за Албанците и нејзината кауза имаат свое продолжение“,
вели Села во интервју за весникот на албански јазик „Лајм“.
Одлуката за формирање нов субјект следи по пресудата на Основниот суд во Тетово од 18 март, со која печатите на Алијанса за Албанците му припаднаа на крилото на Арбен Таравари.
Од крилото предводено од Села тогаш најавија дека ќе поднесат жалба на одлуката до Апелацискиот суд.
Инаку, Алијанса за Албанците доживеа раскол откако во февруари 2024 година Арбен Таравари ги повика партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците. На ваквиот повик се спротивстави Зијадин Села од позиција на претседател на Централното собрание со ставот дека партиските тела веќе донеле одлука Алијанса за Албанците да оди сама на тогашните претседателски и парламентарни избори.
Во април 2024 година Зијадин Села ги доби печатите на Алијансата за Албанците, а одлуката беше донесена во Основниот суд во Тетово, каде што имаше поведена постапка за да се одлучи кој ќе има право да ја води Алијанса за Албанците откако настана поделба на две крила, едното на Зијадин Села и другото на Арбен Таравари.
Една година подоцна, постапувајќи по барањето за промени во Статутот на партијата, Основниот суд во Тетово донесе одлука дека Зијадин Села и официјално е претседател на Алијанса за Албанците (АА).
Крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Зијадин Села беше дел од коалицијата „Европскиот фронт“, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), која потоа се преименува во „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Во декември минатата година, на состанокот на претседателството на партијата, крилото на Села одлучи да ја напушти коалицијата НАИ, а нејзините пратеници во Собранието да дејствуваат како независна група.
Минатата недела, како што велат од крилото на Села, Основниот суд во Тетово донел одлука која е политичка и за која сметаат дека е обид за атентат врз албанска политичка партија која „со години беше главен фактор на политичката сцена во земјата и моќен бранител на албанската национална кауза“.
