„Барањето за запишување на промена на претседател на политичка партија Алијанса за Албанците со седиште во Тетово и барањето за промена на статутот на партијата се уважува. Во иднина за претседател на партијата се именува Зијадин Села на место на досегашниот претседател Арбен Таравари“, се наведува во решението на Основниот суд Тетово
Зијадин Села и официјално е претседател на Алијанса за Албанците (АА). Ваква одлука донел Основниот суд во Тетово на 20 јануари годинава, постапувајќи по барањето за промени во статутот на партијата.

„Барањето за запишување на промена на претседател на политичка партија Алијанса за Албанците со седиште во Тетово и барањето за промена на статутот на партијата се уважува“,
стои во решението на Основниот суд Тетово.
Па така, во судскиот регистар на политички партии што се води во Основниот суд во Тетово се запишува:
„Промена на претседателот – во иднина за претседател на партијата се именува Зијадин Села на место на досегашниот претседател на партијата Арбен Таравари.“


Во образложението за донесеното решение, Судот наведува дека е земен предвид членот 47 од партискиот статут во кој е наведено дека претседателот на партијата го разрешуваат две третини од пристуните делегати на Конгресот и оти од овие причини е прифатен предлогот за разрешување на лидерот на партијата Арбен Таравари.
„Додека, согласно член 53 од Статутот е наведено да на иста седница на Конгресот се избира и нов претседател на партијата според одредбите од член 46 од Статутот, што е целосно запазено при одржување на 4-иот вонреден конгрес на Алијанса за Албанците што е евидентирано и во записник за работа на Конгресот од 18.02.2024 година, при што за нов претседател на партијата е избран Зијадин Села од Струга“,
се додава во судското решение.
Во април минатата година тетовскиот суд донесе одлука со која Зијадин Села ги доби печатите на Алијанса за Албанците со што и официјално стана претседател на партијата. Во Судот беше поведена постапка за да се одлучи кој има право да ја води АА откако партијата се подели на две крила – на Зијадин Села и на Арбен Таравари.