Од Народната банка велат дека член на Советот кому му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон

Предлозите за вицегувернери, по завршувањето на јавниот повик и во согласност со законските процедури, се доставени до Собранието и во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието, велат од Народната банка.
Реакцијата доаѓа откако денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го обвинија гувернерот Трајко Славески дека тој незаконски го блокира изборот на нови вицегувернери.
„Категорично ги отфрламе тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање“,
се вели во соопштението од Народната банка.
Оттаму додаваат дека согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот кому му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова, како што посочуваат од Народна банка, обезбедува континуитет во работењето и гарантира стабилност и непречено функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд.
„Ваква ситуација не е новост и одредени пролонгирања се забележани и во претходни избори на членови на Советот на Народната банка. Потсетуваме дека во 2018 година, кога СДСМ заедно со својот коалициски партнер ДУИ го имаа мнозинството во Собранието, Советот на Народна банка повеќе месеци функционираше во нецелосен состав, што не е случај сега. Законот и сегашната практика јасно обезбедуваат континуитет и стабилност во работењето на Народната банка до избор на нови носители на функциите“,
се додава во соопштението.
Народната банка, исто така, изразува загриженост, што, како што посочува, „преку неосновани и селективни информации пласирани во јавноста се доведува во прашање работењето на една високопрофесионална и одговорна институција“.
