– Државниот пазарен инспекторат е на терен и од она што го гледаме има поскапување кај маслото и кај јајцата. Зборувам за поскапување, коешто е видливо и значајно, кај останатите производи цените во принцип не отстапуваат, изјави премиерот

Владата нема да дозволи осцилации во цените на прехранбените производи кои би го отежнале животот на граѓаните, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски по владината седница на која беше донесена одлука за намалување на данокот на гориво од 18 на 10 отсто.
Мицкоски порача дека, ако Владата забележи неетичко однесување од страна на ланците супер маркети, но и од страна на снабдувачите и производителите, тие ќе ги преземат неопходните мерки за да нема ценовен шок.
„Државниот пазарен инспекторат е на терен и од она што го гледаме има поскапување кај маслото и кај јајцата. Зборувам за поскапување, коешто е видливо и значајно, кај останатите производи цените во принцип не отстапуваат „визави“ оние што се просечни од претходниот период. Така што тој дел е забележан, анализираме. Тоа се правда со зголемени цени на берзи итн. Берзи можеби ќе звучи чудно кај јајцата, не е конкретно јајцето берзански производ, туку храната која што носилките ја користат е берзански производ, па тоа имплицира кај самите јајца. Маслото знаете дека е берзански производ, така што на тој начин се правда тоа зголемување. Ние го следиме, калкулираме и нема да дозволиме било какви осцилации, кои што ќе нанесат штета на стандардот на граѓаните“,
изјави Мицкоски.
Инаку властите на денешната вонредна седница донесоа одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто. Одлуката ќе стапи во сила во понеделник на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели, информираше премиерот Мицкоски.
