Одлуката е донесена во пресрет на утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за повторно зголемување на цените на горивата. Одлуката за намалување на ДДВ на горивата ќе стапи во сила во понеделник на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели
Владата на денешната вонредна седница донесе одлука за намалување на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 отсто. Одлуката ќе стапи во сила во понеделник на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели, изјави на денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.

Одлуката е донесена во пресрет на утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), според која, како што рече Мицкоски, се очекува бензините да поскапат за 6,5 денари, а дизелот за 10,5 денари по литар.
„Имајќи го предвид ова, очекуваме дека врз основа на овие пресметки одлуката на РКЕ би била зголемување на бензинот БС-95 и бензинот БС-98 од 86,5 односно 88,5 денари на 93 односно на 95 денари по литар, а на дизел-горивото од 92 на 102,5 денари. Денеска на владина седница донесовме одлука да се намали ДДВ на бензините и дизелот од 18 на 10 проценти. Ако ова се земе предвид, тогаш очекуваме цената на безнините да остане непроменета, а цената на дизелот да се зголеми за околу три до три и пол денари за литар“,
изјави Мицкоски на денешната прес-конференција.
Премиерот очекува министерката за енергетика Сања Божиновска утре да разговара со директорот на ОКТА за да се издејствува зголемување на попустот од два денари по литар што нафтената компанија веќе го применува. Во тој случај, Мицкоски очекува цените на горивата да бидат пониски од максималната цена што ја одредува РКЕ, однсоно три денари пониска за бензините и непроменета кај дизелот.
„Со ова на граѓаните им заштедуваме отприлика од 200 000 евра на ден или околу 1,5 милиони евра седмично имајќи предвид дека просечната потрошувачка е околу 1,6 милиони литри гориво од кои 1,2 милиони се дизел-гориво, а останатите 400 000 се бензини“,
изјави Мицкоски.
Премиерот рече дека земјава се соочува со зголемен притисок од граѓаните од соседството кои точат гориво тука поради најниските цени во регионот.
„Според информациите кои ги имаме, зголемена е потрошувачката за 9 проценти, односно околу 150 000 литри дополнително точат граѓаните на нашите соседни држави. Најголем е притисокот во пограничките општини како Дебар, Струга и Охрид на западната граница, Битола и Гевгелија на јужната и Куманово на северната граница“,
додаде премиерот.
Мицкоски уверува дека Владата будно ја следи состојбата и е во координација со сите засегнати страни и дистрибутери на нафта и нафтени деривати. Додаде дека владата има план со разработени сценарија доколку кризата се влоши или продолжи и ќе делува секогаш кога за тоа ќе има простор и потреба.
