Обдукцијата треба да помогне да се утврдат причините за смртта, но и временската рамка во која таа настапила

Телото на жената што беше пронајдено во фаза на распаѓање во кочанското село Зрновци било обезглавено и без други делови на телото. Полицијата, пожарникарите и обвинителството денеска го пребаруваа поширокиот терен околу местото викано Ѓошевски Орев, во близина на Зрновска Река. Жената сè уште не е идентификувана.
Неофицијално, се истражува и дали врз кадаверот влијаел човек или животни.
Од МВР соопштија дека пријавата за телото пристигнала околу 10:40 часот во СВР Штип, по што веднаш биле преземени мерки за увид и расчистување на случајот.
Во истрагата се вклучи и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, кој излегол на терен и наредил понатамошни дејствија.
Обдукцијата треба да помогне да се утврдат причините за смртта, но и временската рамка во која таа настапила. Тоа е клучно и за идентификацијата и за насоката во која ќе се движи истрагата.
Жителите во Зрновци се потресени и велат дека никој од нивното село не бил пријавен за исчезнат ниту, пак, се барал.
