Заедно со обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на мерката притвор за Стафа, имајќи ги предвид неизменетите околности врз основа на кои претходно му е определена
Пo спроведена истрага, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание.

Според обвинителниот акт, како што соопшти ОЈО ГОКК, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50 000 евра.
Намерата, како што велат од Обвинителството, била за да посредува и да го искористи своето реално влијание, со цел да интервенира кај судија во Апелацискиот суд и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Заедно со обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на мерката притвор за Стафа, имајќи ги предвид неизменетите околности врз основа на кои претходно му е определена.
Инаку, поранешниот државен правобранител беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што против него ја поведе ООЈО ГОКК, поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат.
Стафа беше лишен од слобода непосредно по примањето на парите, при што кај него се пронајдени и одземени паричните средства.
Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, неколку месеци претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.
Неколку дена по апсењето на Стафа, поточно на 16 декември, Пецов, кој дотогаш беше во бегство, самиот им се предаде на органите на прогонот и веднаш беше изведен пред судија на претходна постапка.
Инаку, Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
