Одбраната го прашуваше сведокот и во однос на легитимирањето малолетници, при што повтори дека малолетниците не се безбедносна закана, но ако е јасно означено дека нивното присуство е забрането во објектот, обезбедувањето треба да реагира
Доколку во објект каде што се одржува настан е забрането присуство на лица под 18 години и тоа е истакнато на табли, обезбедувањето е должно да реагира и за тоа да го извести сопственикот на објектот, сведочеше на денешното рочиште за пожарот во „Пулс“ Верица Милевска-Стефановска, претседателка на Комората за приватно обезбедување на лица и објекти.

Сведокот одговараше на прашања на Обвинителството во однос на задолженијата на агенциите за приватно обезбедување, нивниот однос со фирмите од кои се ангажирани, вработените во агенциите, нивното стекнување со лиценци и нивните овластувања.
Сведокот појасни дека постои разлика меѓу физичко и техничко обезбедување. За едно правно лице, како што рече таа, да врши физичко обезбедување, мора да има минимум 15 вработени со легитимации, за техничко обезбедување без минимумот е три легитимации и ако обезбедувањето е за лични потреби, тогаш критериумот е 10 вработени со легитимации.
Одговарајќи на прашањата на Обвинителството, Милевска-Стефановска рече оти меѓу агенцијата за обезбедување и фирмата што го ангажира мора да има писмен договор.
„Законот предвидува дека секое правно лице задолжително ќе склучи договор со корисникот на услуга во кој ќе наведе за каква услуга станува збор и должен е да води евиденција за склучени договори. Станува збор за писмен договор“,
рече сведокот.
Договорот, според неа, треба да го потпишат одговорните лица во агенцијата за обезбедување и правното лице што ја обезбедува.
Прашана што доколку договорот не е склучен написмено, Милевска-Стефановска кажа:
„Тогаш тој е ништовен“.
Беше наведено и дека при физичко обезбедување на одредени настани треба да се изготви план за обезбедување.
Тоа, како што кажа, е во случај кога се ангажирани пет или повеќе работници од агенцијата за обезбедување. Прашана кои се критериумите за носење одлука колку лица ќе видат ангажирани, сведокот рече дека во Законот за приватно обезбедување не постојат критериуми колку работници и каков вид услуга ќе биде дадена.
Во сведочењето стана збор и за легитимациите и униформата на вработените во агенциите за приватно обезбедување. Легитимациите се добиваат по поминување обука во Комората, која се состои од теоретски и практичен дел, додека униформата се добива од фирмата што ќе ангажира работник.
Неа вработениот треба да ја носи на местото што го обезбедува. Може да биде и во цивил, но со јасно истакнати ознаки на агенцијата за обезбедување за која работи. Прашана дали за успешно обезбедување на еден објект агенцијата треба да направи првичен увид во него, сведокот кажа дека треба да се знае какво обезбедување се бара.
Кога се дава обезбедување, мора да знаете какво обезбедување се бара, дали се бара техничко обезбедување – видеонадзор или се бара телесна заштита на објектот. Во двата случаи давателот на услуга е потребно да знае за каков објект станува збор“,
кажа сведокот.
Милевска-Стефановска рече дека независно дали има план за обезбедување или не, работниците можат да вршат легитимирање на влез и излез од објектот, да задржат лице кое фатено во извршување кривично дело што се гони по службена должност, а можат да предупредат лице ако прави нешто што ја нарушува безбедноста на објектот.
„Ако е веќе внесено, одговорноста е на организаторот на настанот и на сопственикот на објектот. Ако забележат нешто сомнително, треба да реагираат и да го известат сопственикот на објектот“,
рече таа.
Одбраната на дел обвинетите приговараше на повеќето од прашањата оценувајќи ги како општи и неповрзани со конкретниот настан.
Од Обвинителството одговорија дека Милевска-Стефановска дала исказ во истрага како стручен советник и затоа е повикана како сведок. Одговарајќи на вкрстени прашања од одбраната, таа рече дека во рамките на обуката на кандидатите за обезбедувачи не е предвидена обука за пиротехнички средства.
Одбраната го прашуваше сведокот и во однос на легитимирањето малолетници, при што повтори дека малолетниците не се безбедносна закана, но ако е јасно означено дека нивното присуство е забрането во објектот, обезбедувањето треба да реагира.
На прашање на одбраната сведокот кажа дека е забрането обезбедувањето да презема дејства што се во надлежност на други органи и институции.
Одговарајќи на вкрстените прашања, сведокот кажа оти во законот меѓу објектите за кои задолжително е предвидено обезбедување, не се експлицитно наведени угостителски објекти, како ресторани, кабареа и клубови.
На денешното рочиште е предвидено искази да дадат уште двајца сведоци.
