Скопскиот кривичен суд, со кој раководи судијата Иван Џолев, денеска испрати остра реакција на вчерашната изјава на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, дека на дел од судиите не им е место во правосудниот систем, алудирајќи на ослободителната пресуда за новинарот Драган Павловиќ – Латас, во случајот „Тревник“ на СЈО.
„Во однос на вчерашната изјава на Јавниот обвинител на РСМ, Кривичниот суд – Скопје укажува на обвинителството наместо редовно и неосновано да го напаѓа судот и судиите после секоја судска одлука од која не се задоволни, да си погледне во сопствениот „двор“,
се вели во соопштението на Кривичен суд.
Од судот „се бранат“ дека судиите работат согласно законските одредби, го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата, уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката. Судот додава и дека секоја првостепена одлука на скопска единица се преиспитува од повисоките судски инстанци, по изјавена жалба од незадоволната страна.
„Како суд бараме во иднина обвинителството да се однесува со повеќе почит кон судиите и судиската функција, нивните коментари и изјави да се во рамки единствено на нивните надлежности, а не на паушални обвинувања“,
се вели во соопштението.
Вчера на прес-конференција, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески доби новинарско прашање дали го поддржува предлогот на ДУИ за ветингот, односно проверка на имотот и на судии и обвинители. Тој кажа дека поддржува проверка на цел правосуден систем.
„Поддржувам односно вкупно правосудството и судиите да се подложат на некоја проверка. Видовте што стана со последната одлука во делот на противправно градење, како судијата ја толкува таа одредба и мислам дека на такви судии не им е местото во правосудството и веројатно Судскиот совет ќе треба во соодветна постапка да го испита тој дел“,
рече Јовески.
Пресудата за случајот „Тревник“ на СЈО беше објавена на 4 јули. Кривичниот суд го ослободи од одговорност Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан по обвиненијата дека бесправно изградиле три викенд куќи во Зелениково. Предметот на СЈО се темелеше на тврдења и докази дека тие почнале да ги градат куќите во 2011 година, а одобренијата за градба ги добиле во 2013 година. СЈО најави дека ќе ја обжали првостепената пресуда.