Тежината на повредите се разликува од пациент до пациент. Некои и натаму не се способни за работа, додека други се вратени во релативно нормален живот. Сите, вели директорката на кочанската болница, почуствувале подобрување од процесот на рехабилитација
Болницата, со помош на клиники и болници од Скопје, како и со помош на лекари од странство, вовела повеќе третмани кои им се од помош во закрепнувањето на пациентите, затоа што за многумина од нив тешкотија е и патувањето до друг град бидејќи не смеат да се изложуваат на сонце
Директорката на Општата болница во Кочани, Катарина Мирчовска во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 вели дека сега во кочанската болница се извршуваат третмани врз дел од повредените во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ со аплицирање кортикостероидна терапија во самите лузни.
Таа објаснува дека се работи за пациенти со лузни што се над нивото на кожата, тврди и поцрвени од остатокот од кожата.
Мирчовска: „Името им е хипертрофични и келоидни лузни. Значи останаа да се обавуваат во Кочанската болница. Дел се обавуваат и на Клиниката за пластична хирургија, бидејќи дел од повредените ни се вратени на студии, на работните места, и исто така дел од повредените ги обавуваат тие третмани во Хируршката клиника ‘Свети Наум Охридски’ во Скопје.“
360°: И има ефект од тоа?
Мирчовска: „Има ефект, да. Повредените си го видоа и самите ефектот, обично тоа се прави еднаш месечно. Обично знаат да потсетат – „докторке, кога ќе го правиме, кога ќе нѐ боцкате кортико?“. Значи така и веќе си го навикнаа како третман и знаат да потсетат бидејќи ги видоа бенефитите. Значи кај повеќето на местата на зглобните површини каде што лузните поминуваат и преку зглобовите, им се олеснети движењата, ги нема затегањата на кожата, посебно и во делот околу рачните зглобови, лактите, прстенцата. Значи си ги видоа сами бенефитите, лузните им се побели, помеки, полесни им се за третман на физиотерапевтите и од таа причина си ги бараат.“
Во Кочанската болница сега активно доаѓаат на физикална терапија околу 20 пациенти. Покрај тоа, повторно се прават пулмолошки прегледи.
Мирчовска: „Тоа е нешто за што Кочанската болница, значи, немаше договор претходно со пулмолози бидејќи ја немаме дејноста пулмологија. Се адаптиравме, значи, на потребите на повредените. Се донесе апарат за спирометрија, гасни анализи. Значи и тие прегледи, контролни прегледи, се обавуваат исто во Кочанската болница. Минатата година соработката беше со Градската општа болница ‘8-ми Септември’ – Скопје, годинава таа соработка се проширува и на Клиниката за пулмологија. Имаме одлична соработка и со пулмолозите од двете институции. (…) Исто, морам да напоменам, во текот на минатата година кај голем дел од нив се аплицираше и ПРП третман што беше во соработка со Клиниката за пластична хирургија и Универзитетската клиника за хируршки болести.“
360°: Што е тоа?
Мирчовска: „Тоа е плазма богата со тромбоцити што се зема од самиот пациент, се центрифугира и оној што е проѕирен дел, да речам, после центрифугирање се аплицира во предел на лузните. Тоа го правеа од колегите од пластична хирургија, специјалисти по пластична хирургија, исто се обавуваше во најголем дел во Кочанската болница. Така што, сите тие третмани ги донесовме тука на барање и на потребите заради тоа што тие не треба да се изложуваат на сонце и наједноставно беше да им се адаптира во местото на живеење.“

На прашањето дали има пациенти на кои дополнително им се потребни покомплицирани интервенции што не може да се изведат во Кочани, директорката одговори дека и натаму функционираат групите за евалуација и реевалуација составени од специјалисти и субспецијалисти од различни специјалности. Нивната задача е да одредат на кои пациенти и какво следење им е потребно.
Мирчовска: „Така и колегите од пластична хирургија што беа вклучени во евалуацијата, значи се направи список на сите нивни потреби понатака. Значи, од најмалите корекции до покрупните. И секако приоритет за првична корекција би имале оние пациенти кај кои е нарушена функционалноста. Што значи тоа? Тоа значи кај сите оние што имаат проблеми некакви во движењата на зглобовите.
360°: Има ли многу такви?
Мирчовска: Па нема такви, нема многу, бидејќи физикалната терапија се обавува во континуитет веќе подолго време – нешто што исто е ново по ваков тип повреди, изгореници, значи толку долго да се обавува физикална терапија. Значи, различни активности на физикалната терапија и третмани и кај многу голем дел бидејќи заради тие промени во пристапот на физикалната терапија не се дозволи да настанат контрактури, односно ограничувања во движењата на зглобовите. Раната физикална терапија на многу од нив им помогна побрзо да се активираат зглобовите бидејќи сите, најголем дел од нив, имаат изгореници од втор и трет степен на дланките, подлактиците, надлактиците и се фатени зглобовите – рачните, лактите и зглобовите на шаките. И од таа причина се направи адаптација, нели, по онаа едукација што беше во соработка со Светската здравствена организација, Министерство за здравство, каде што ни беше доведен тим од Обединетото Кралство, едукација што се направи на специјалисти по пластична хирургија, на физијатри, беа опфатени повеќе здравствени институции. Лично јас ја поминав таа обука, значи ни беше објаснето не само од хируршки домен како да спречуваме инфекции помеѓу нив, туку буквално ни беа сите активности што треба да ги правиме во смисла на позиционирање на зглобовите за да не се дозволи настанување на тешки компликации. Рани масажи, како правилно се масираат, понатаму следеше компресивната облека. Значи морам да ја спомнам компресивната облека бидејќи сето тоа е на медицина базирана на докази. Сите третмани што се направија кај нив во смисла на третман на лузните беа на база на медицина базирана на докази.“
Мирчовска потенцираше дека повредените се ослободени од плаќање партиципација, со оглед дека во јавноста се појавија дилеми околу ова прашање.
„Во Кочанската болница, од почетокот на инцидентот, до ден денешен, повредените не платиле никаква партиципација. Значи, ние ги знаеме тука кои се. Меѓутоа, заради тоа што и претходната година повредените беа ослободени од партиципација, меѓутоа они не потенцирале никаде дека се од повредените на пример на инцидентни прегледи, не кога прегледите биле организирани. Значи, кога сме организирале прегледи, контролни прегледи, на кожана клиника како што беа, на пулмологија, на пластична хирургија, исто не им се наплаќаше партиципација бидејќи колегите таму веќе и си ги знаеја. Меѓутоа, административен работник што ја врши наплатата во претходната година, можеби не беше запознаен дека се во моментот ослободени од партиципација и можеби инцидентно во некоја од клиниките, претпоставувам каде што поретко се правеле прегледи, дека е и наплатена партиципација. Сега е тоа расчистено, значи добиен е допис и направена е програма во Министерството за здравство, како типот на програмите што се за крводарители, за пензионери, направена е посебна програма за повредените од дискотеката“,
рече таа.
На прашањето дали болницата во Кочани е снабдена со сè што е потребно за третман на повредените во пожарот, директорката одговори потврдно објаснувајќи дека јавноста не ги гледа апартите што ги имаат, туку ги гледа повоочливите работи како изгледот на објектите.
„На пример, како што би ја виделе сега промената како што е надвор хортикултурното уредување моментално што се случува во болницата и новите места за паркинг што ќе ги добиеме и тука ја гледаат промената. Значи, секоја нова апаратура што се донесе во Кочанската болница, обично не сме имале време некогаш, не сме имале можност во моментот да ја објавиме дека имаме нова апаратура. Меѓутоа во однос на повредените, значи во однос на апаратурата што е потребна за нивниот третман, ние ја имаме во Кочанската болница. Морам да спомнам дека во прв момент, токму заради тоа што дел од нив ни се вратија со сѐ уште по некоја раничка на телото, значи се адаптира соба на Хирургија за да се изолираат од останатите повредени кои доаѓаа веќе со отпочната физикална терапија, да не се дозволи инфицирање, да не се дозволи значи ширење меѓу нив на инфекции и исто така за да се почитува нивното право на приватност“,
вели Мирчовска.
Директорката добро се сеќава на кобниот 16 март 2025 година и вели дека тоа е настан што не може да се заборави.
Мирчовска: „Секое потсетување ви предизвикува непријатни чувства. Јас знам да речам дека персоналот во Кочанската болница таа вечер ги виде сите, и починатите и живите и сите. И болката на родителите во најголем дел. Значи дел од колегите во скопските болници ги згрижија повредените. Јас сум им благодарна, нели, и цел персонал е благодарен, општината е благодарна, меѓутоа онаа болка на починатите млади лица, да речам, не ја доживеаја колегите во Скопје да ги видат.“
360°: Мислите дека добро одговори Кочанската болница таа вечер?
Мирчовска: „Па, спрема капацитетот на персоналот и можностите – да. Ниедна болница, значи ние имаме и сведоштва од држави каде што се случиле вакви настани, непријатни настани, лоши настани. Беа делегација, беше и од Романија, значи делегација беше и од Чешка. Чешките хирурзи беа и во скопските клиники помагаа. Нивниот коментар е дека била организацијата на едно високо ниво. Значи, многу брзо и стручно се одговори на таа хаварија, јас можам да ја наречам, заради тоа што Кочани е мала општина. Премногу повредени, премногу починати за општината, мислам не постои некој што не е погоден со трагедијата. Значи не постои некој. Јас не сум родена во овој град, тука сум дојдена по линија на сопругот и иако не познавав ни едно од повредените, значи ниту едно лично не го познавав, вие не можевте да останете имуни на таа болка и тага што ја гледате во тие денови. Значи и после тоа и после настанот кога се враќаа од другите држави, вие не можете да останете имуни на нивната болка. Значи сите имаат приказни да раскажат кога ќе се ставите вие на нивно место. Јас многу сакам да го тргнам вниманието на нивната болка, затоа што народот можеби сега ги гледа насмеани, меѓутоа преживеаја пекол во животот. Замислете да сте млади луѓе што отишле на концерт и се будите во туѓа држава, на туѓ јазик, не познавате никого, врзани сте со различни машини околу вас, не знаете што ви се случило, не знаете кои се повредени и што сте си загубиле, и наново се учите и да одите и да зборувате и да се активирате. И кога се враќате во сопствената држава сите имаме очекувања од нив. Значи имаме очекувања да одат на физикална, имаме очекувања да бидат насмеани и дека се живи. Тие се благодарни што се живи, меѓутоа морам да спомнам дека имаат лузни за цел живот. И тоа да не го забораваме. Значи и психичките лузни се многу тешки лузни што тешко се пребродуваат. Ние како здравствени работници сме виделе многу работи во животот, многу трагедии, многу лоши настани, меѓутоа ова беше нешто што и камен да е – ќе пукне. Ова беше премногу тага на едно место. Сметам дека нешто што како некоја виша сила, ако Господ сакал, тие да бидат, да останат тука, ги заштитил еве некако. Значи ние сме тие што треба да им помогнеме да ги пребродат сите тие настани во животот.“
