Бистите кои се поставуваат во нивна чест се токму овде на трибините, каде што се чувствуваше најмногу нивната енергија и секогаш кога ќе доаѓаме на стадионот, иако сме тажни, како нивно семејство, ќе бидеме и горди бидејќи се наоѓаат на местото каде што беа најсреќни, порача мајката на Томас, Јулија Златкова
На Градскиот стадион во Кочани беа откриени бистите на Томас Златков и Александар Стојанов – навивачи на Фудбалскиот клуб Осогово, кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред една година. Настанот се одржа во присуство на роднините, пријателите и навивачката група „Сејмени“. Мајката на Томас, Јулија Златкова, порача дека бистите се симбол на нивниот живот и дека најголемото богатство што човек може да го остави зад себе е добрината и споменот во срцата на луѓето.
„Овие бисти кои се поставуваат во нивна чест се токму овде на трибините, каде што се чувствуваше најмногу нивната енергија и секогаш кога ќе доаѓаме овде на стадионот, иако сме ние тажни, како нивно семејство, ќе бидеме и горди бидејќи се наоѓаат на местото каде што беа најсреќни, каде што најмногу се чувствуваше нивната енергија“,
рече Златкова.

Во Кочани денес се одржа помен за жртвите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“. На литургија во црквата „Св. великомаченик Георгиј“, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, порача дека солзите што протекоа во Кочани станаа бол за целиот народ.
„Времето продолжи да тече, деновите станаа бестрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа, течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските“,
порача г.г. Стефан.
Во рамките на одбележувањето на годишнината од пожарот во „Пулс“ се одржуваат повеќе активности. На 15 март ќе се одржи кошаркарски натпревар, музичко-балетски перформанс, промоција на книга и доделување на признанија за лекарите и медицинскиот персонал од земјата и од странство, кои учествуваа во лекувањето на повредените во дисокотеката „Пулс“.
Централните настани ќе се одржат на 16 март. Во Паркот на револуцијата во Кочани ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи”, со муралот „Ѕид на сеќавање”, посветен на жртвите.
