Обраќајќи им се на родителите на загинатите, собранискиот претседател ги увери дека нивната болка ја споделува целото општество, а споменот на нивните најмили е дел од колективна совест. Трагедијата во Кочани, додаде Гаши, нека биде последната во земјава, но нека биде и водич кон праведна држава
Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Таа ноќ, Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки, туку дел од својата иднина. Еден неповратен дел од нашата душа таа ноќ изгоре во Кочани. Таа ноќ заедно со животите на 63 млади луѓе со себе ги однесе и соништата и плановите кои штотуку почнаа да се градат.
Ова беше дел од обраќањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на комеморативната седница во парламентот по повод едногодишнината од трагедијата во Кочани што се случи на 16 март минатата година.

Дури и по една година, рече Гаши, тешко е да се изберат зборови, а уште потешко е да се изговорат.
„Иако јавниот збор е должност, тој никогаш не бил толку тежок особено кога си свесен дека во ваков случај ниедна реченица не е доволна за да ја исполни празнината и да ја ублажи болката која оваа трагедија ја остави. Има зборови што плачат и солзи што зборуваат, вели еден поет. Солзите на мајките, на родителите, на семејствата и на сите други граѓани зборуваа повеќе од сето тоа што може да го каже кој и да е политичар или институција. Затоа, оваа комеморативна седница не е само иснтитуционален формализам, туку заедничко поклонување на целата држава пред животите што згаснаа и пред семејствата што продолжуваат да ја носат тежината на оваа трагедија“,
рече Гаши во своето обраќање.
Порача дека денешниот собир во парламентот е како ретко кога, без поделби на власт и опозиција ниту како претставници на политички партии или институции, туку како луѓе кои ја споделуваат болката на семејствата, на кои треба да им се испрати порака дека не се сами.
„Трагедиите никогаш не треба да бидат поле на раздор, туку моменти на солидарност, хуманост и сплотеност затоа што во тие денови видовме како блеска силата на хуманоста, утехата што ја носи солидарноста и искрената поддршка. Во Собранието на деновите на жалост беше отворена книгата на жалост. Стотици граѓани дојдоа за да напишат неколку збора за оние што веќе не се меѓу нас. Ако ги прочитате тие рачно напишани редови, таму нема големи политички зборови – има само искрени чувства, болка копнеж и љубов за животите кои прерано згаснаа“,
рече собранискиот спикер.

Гаши особено ја нагласи улогата на медицинските работници, на пожарникарите и полициските службеници во моментите по трагедијата, како и на Црвениот крст, волонтерите и граѓаните воопшто кои, како што рече, се солидаризираа без политички, етнички ниту верски поделби. Благодарност упати и до сите пријателски држави кои помогнаа за згрижување на дел од повредените во пожарот во Кочани.
Спикерот додаде дека трагедии како оваа зборуваат за огромната институционална одговорност.
„Правдата е поважна отколку што замислуваме. Затоа е суштински важно Обвинителството, судовите, МВР и сите истражни органи – да работат во овој процес со професионализам, независно и целосно транспарентно. Правдата не треба да биде ниту пребрза поради политички ефект, ниту пак, задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството. Ги охрабрувам институциите на правдата својата работа да ја извршат професионално и овој предмет точно да ги адресира грешките и виновниците за оваа трагедија“,
рече Гаши.
Се осврна и на загубата на општеството, посочувајќи дека меѓу загинатите има долгогодишни уметници, фудбалски ѕвезди, но и многу потенцијали професионалци од различни области со кои државата би се гордеела.
„Песната на групата ДНК ‘Ако утре ме нема’, која до таа ноќ претставуваше само рефрен, денес добива поинакво значење за секој што ја слуша, затоа што за некои од оние што пееја, утрешниот ден навистина никогаш повеќе не дојде, додека за другите – утрето дојде, но без оние што ја пееја“,
додаде тој.
Обраќајќи им се на родителите на загинатите, собранискиот претседател ги увери дека нивната болка ја споделува целото општество, а споменот на нивните најмили е дел од колективна совест. Трагедијата во Кочани, додаде Гаши, нека биде последната во земјава, но нека биде и водич кон праведна држава.
„Со највисока почит кон секој изгубен живот и со молитва Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечноста. Нека е вечен нивниот спомен“,
заклучи Гаши.
