„Компонентите од стратешкото партнерство се целосно одвоени. И двете земји сме суверени влади кои склучуваат договори за секоја од компонентите и идејата дека британската влада би направила нешто што на вашата влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина и не постои договор, ниту, пак, некогаш постоел за мигранти во замена за пари“, вели британскиот амбасадор во С Македонија, Метју Лосон

Едноставно не е вистина. Вака британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, демантираше дека постои договор меѓу Северна Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари.
Тој во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24 рече дека идејата британската влада да направи нешто што на македонската влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина и неколкупати потенцира оти таков договор не постои.
„Идејата дека ова некако прераснало во договор за мигранти во замена за пари, можам да ви кажам вам и на вашите граѓани дека едноставно не е вистина. Компонентите од стратешкото партнерство се целосно одвоени. И двете земји сме суверени влади кои склучуваат договори за секоја од компонентите и идејата дека британската влада би направила нешто што на вашата влада не би ѝ одговарало е апсолутно невистина и не постои договор, ниту, пак, некогаш постоел за мигранти во замена за пари. Така што, се крена врева во медиумите за ова. Многу сум благодарен за можноста да го расчистиме ова во интерес на граѓаните, но идејата дека би понудиле некаков вид партнерство, а потоа би барале од вас да примите мигранти, едноставно не е вистина. Тоа не е она што го работи заедничката работна група за миграција и заедничката работна група за миграција е за разузнавачка соработка во рана фаза. Граѓаните нема да видат многу од тоа, тоа нема да биде баш видливо. Се работи за поблиска соработка меѓу полициските сили. Но, за жал, ова беше претворено во политичка приказна што предизвика голема загриженост меѓу граѓаните, така што сметам дека е навистина важно. Ние Британците сме многу директни. Ако имаше нешто да ви кажеме за тоа, ќе ви кажев вам и на граѓаните на оваа земја“,
рече Лосон.
Веднаш по ваквиот настап на амбасадорот Лосон, со објава на Фејсбук се огласи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека како меур од сапуница се распрснала, како што напиша, лагата на СДСМ за „мигранти за пари“.
„Со Велика Британија имаме договор за стратешко партнерство и договор влада со влада за реализација на инфраструктурни проекти. Тоа е историско постигнување за Македонија. Откако лагите се распрснаа, сега останува со чист образ да работиме на реализација на проектите“,
напиша Николоски на Фејсбук.
Инаку, во декември минатата година дел од британските медиуми пренесоа информации дека Велика Британија можеби ќе депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја обесхрабри нелегалната миграција со чамци во земјата. Според тогашните објави, двете држави уште од есента биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.
Таблоидот „Дејли мејл“, повикувајќи се на информации од лондонски „Тајмс“, пренесе дека Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го преземе, а би обезбедила и инвестиции во земјава и помош во борбата против руското влијание.
По ваквите објави, опозицискиот СДСМ тргна во кампања против потенцијално прифаќање мигранти како дел од договор меѓу британската и македонската влада. Претседателот Венко Филипче иницира и онлајн петиција против прифаќањето мигранти во Македонија.
Филипче, во тој контекст, побара во Собранието да биде потпишана и резолуција за заштита на државните интереси изјавувајќи дека е очигледно оти договор за мигрантите постои, а владата на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише бидејќи тоа е поврзано со добивањето на кредитот од шест милијарди евра.
Во мај минатата година, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас во Лондон го потпишаа договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни објекти, со кој Македонија доби можност за гаранција заем од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.
