Кривичниот суд го прифати предлогот на Јавното обвинителство и му го продолжи притворот за уште осум дена на Стојанче Јовановски, сопруг на починатата Ивана Јовановски, за истите основи – опасност од бегство и повторување на делото. Тој е осомничен за кривичните дела – наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста
Од Обвинителството велат дека продолжуваат да прибираат докази за, како што потенцираат, овој комплексен настан. Поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и вештаци и веројатноста тој повторно да врши кривични дела, надлежниот јавен обвинител оценува дека притворската мерка за осомничениот е неопходна за негово обезбедување во текот на постапката

Сопругот на починатата Ивана Јовановски, Стојанче, останува во притвор. Кривичниот суд го прифати предлогот на Јавното обвинителство и му го продолжи притворот за уште осум дена за истите основи – опасност од бегство и повторување на делото.
Претходно, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за сопругот, за кого постои основано сомнение дека сторило кривични дела – наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, од кривичната пријава, како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година па сè до 2 март, кога сега починатата Ивана Јовановски донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг, со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди по целото тело.
„Овие настани, сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од пријавениот како нејзин сопруг се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место“,
соопшти Обвинителството.
Како што посочуваат од Обвинителството, на критичниот ден претходеле неколку настани. Осомничениот најпрво се заканувал, а потоа и ја удирал оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие со што кај неа предизвикал чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото.
„Откако од училиште ја зеле шестгодишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и оттаму го извршила самоубиството“,
наведуваат од Обвинителството.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат да прибираат докази за, како што потенцираат, овој комплексен настан. Поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и вештаци и веројатноста тој повторно да врши кривични дела, надлежниот јавен обвинител оценува дека притворската мерка за осомничениот е неопходна за негово обезбедување во текот на постапката.
