При обид да влезе во Бугарија, на адвокатот Тони Менкиноски му ставиле црн печат во пасошот и му врачиле решение за десетгодишна забрана за влез во земјата. Тој се сомнева дека забраната е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права

Адвокатот Тони Менкиноски доби забрана за влез во Република Бугарија до 2036 година. Менкиноски вели дека добил официјален документ во кој пишува дека наводно тој претставува закана за националната безбедност на Бугарија.
Тој денеска на прес-конференција рече дека се сомнева оти забраната е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Смета дека ваквото решение е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка.
Забраната му била врачена вчера, на 6 март, при обид за влез во Бугарија. На граница му ставиле црн печат во пасошот.
„При преминување на границата, луѓето што работеа таму не можеа никако да го поминат мојот пасош. Ме замолија да ја тргнам мојата кола настрана и притоа ми кажаа дека од Софија добиле известување со кое мора да ме задржат бидејќи треба да добијат некои документи. По половина час чекање на граница ми ги доставија овие документи, ми удрија црн печат на пасошот“,
рече Менкиноски.
За него одлуката е срам за Бугарија, но и за Европската Унија и смета дека со неа се врши заплашување на адвокатите и директно мешање во независноста на адвокатската професија.
„Бугарија мора да ги имплементира сите 14 пресуди, односно да го признае правото на Македонците да имаат свои клубови, своја политичка партија и свое идентификување. Сега, ова е израз на немоќ, сакајќи преку мене да покажат сила со тоа што не се дозволува влез на нивниот адвокат кој ги застапува пред Европскиот суд за човекови права“,
рече Менкиноски.
Адвокатот најави дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори оваа одлука. Рече дека за случајот ќе бидат информирани Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ и Обединетите нации, како и меѓународните организации што ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.
Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за случајот со Менкиноски, рече дека, ако информациите за случајот се точни, тоа е срам за демократијата кај нашиот источен сосед.
„Но, тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед. Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред сѐ мислам на земјите членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат доколку се потврди дека ова е точно“,
рече Мицкоски.
