На 24 февруари Владата донесе одлука за одземање на лиценците за одгледување марихуана за медицински цели на шест фирми, кај кои комисијата формирана од Министерството за здравство утврдила повеќе недостатоци во работењето
Ќе им се одземат лиценците на уште три фирми што произведуваат медицински канабис, со што нивниот број ќе достигне девет, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу додавајќи дека се анализира работата на уште една компанија.

„Досега 23 компании се процесирани, а за три е сигурно дека ќе им бидат одземени лиценците. Четвртата се анализира“,
рече Алиу одговарајќи на новинарско прашање до каде се анализите и инспекциите во ваквите компании.
На 24 февруари Владата донесе одлука за одземање на лиценците за одгледување марихуана за медицински цели на шест фирми кај кои комисијата формирана од Министерството за здравство утврдила повеќе недостатоци во работењето.
Алиу тогаш рече дека се одземени лиценците на компаниите: „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, кај кои се констатирани неправилности од различни аспекти – административни, инфраструктурни, технолошки, како и недостаток на човечки ресурси.
Дел од нив, конкретно компанијата „Алфафарм“, се споменува во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал за откриените пет тони марихуана во околината на Крушевац, за што е осомничен и еден од нејзините четворица косопственици.
„Засилените вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно, вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица“,
најави тогаш министерот.
За потсетување, Министерството за здравство ја формира комисијата по заплените на 40 тони марихуана во земјава од повеќе фирми што, пак, дојде по откривањето на пет тони марихуана во Србија за кои тамошните власти излегоа со сознанија дека канабисот потекнува од Македонија.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против шест лица кои се осомничени за вмешаност или поврзаност со шверцот на марихуана од Македонија во Србија.
