Од Министерството за внатрешни работи во врска со двата случаи велат дека по нивното документирање против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави
Педесет и четиригодишен жител на скопски Сарај вчераутро бил лишен од слобода откако по дејство на алкохол физички ја нападнал својата 15-годишна ќерка, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, синот успеал да го оттргне таткото од девојчето, по што случајот бил пријавен во полиција.
„На 5.3.2026 во 06:00 часот во Скопско полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.З. (54) од село во Општина Сарај. Според пријавеното, тој околу 5 во домот под дејство на алкохол физички ја нападнал својата 15-годишна ќерка, но неговиот син успеал да ги раздели“,
се вели во соопштението од МВР.
Увид на местото извршила екипа на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Дополнително, од Министерството за внатрешни работи информираа и дека од слобода е лишен дваесет и петгодишник од Скопје, кој се сомничи дека извршил физички напад, обљуба и упатувал закани кон 22-годишна жена со која претходно се запознал.
Нападот се случил на 23 февруари во домот на осомничениот на подрачјето на Општина Гази Баба, каде што тој под присила ја држел 22-годишната жена која пристигнала од Германија, а ја познавал од претходно.
Тој не ѝ дозволувал да излезе сама и ѝ го зел мобилниот телефон. Сепак, на 4 март жената успеала телефонски да исконтактира со нејзината мајка, која ја алармирала полицијата.
По пристигнувањето на посочената адреса и направената процена на ризик, полициските екипи вчера во 16:55 часот го уапсиле Е.А.
Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека за случајот бил известен јавен обвинител и дека по целосното документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.
Претходно денеска од МВР соопштија дека полициски службеници од СВР Скопје синоќа го лишиле од слобода 55-годишниот Б.С. од Скопје, под сомнение за семејно насилство и употреба на огнено оружје кон неговата 48-годишна сопруга и трите ќерки кои биле на возраст од 18, 24 и 26 години.
Според МВР, првиот настан бил на 1 март, кога по расправија во домот во населбата Кисела Вода, пријавениот испукал еден куршум од пиштол кој завршил во прозорецот. Потоа, тој физички ја нападнал својата 24-годишна ќерка и упатувал закани кон неа и нејзината 18-годишна сестра.
Осомничениот делото го повторил синоќа околу 22:30 часот, кога повторно со пиштол ѝ се заканувал на сопругата, но бил спречен од неговите ќерки да го употреби оружјето.
Тој бил приведен ноќеска, 40 минути по полноќ.
За овој настан денеска беше прашан министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека нема повеќе детали околу настанот и додаде дека како што бил информиран од началникот на СВР Скопје вчера во полициска станица биле задржани две лица поради сомненија за сторени кривични дела поврзани со семејно насилство.
Прашан дали оваа интервенција на полицијата е поради случајот со жената и детето во Карпош бидејќи првиот настан бил во неделата, а полицијата реагирала вчера откако тој повторно посегнал по оружјето, Тошковски наведе неколку причини што можеби влијаат на засилени интервенции по настани поврзани со ваков вид насилство.
„Дали е ова последица на она коешто се случува во последно време, а е поврзано со охрабрување на жртвите да почнат да ги пријавуваат насилниците, дали е ова поврзано со тоа што вие новинарите давате посебно внимание на овој тип насилство што ни се случува во државата, не знам, но сигурен сум дека јавното говорење за ваков тип насилство и брзите интервенции од страна на сите институции ќе дадат резултати“,
кажа Тошковски пред почетокот на тркалезната маса на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“.
