Според Законот за кривична постапка (ЗКП), Обвинителството може да бара продолжување на краткотрајниот притвор за нови 48 часа, но само еднаш откако тој е претходно определен. Во понатамошниот тек на постапката, доколку смета дека е потребно, може да побара долготрајна мерка притвор, доколку оцени дека тоа е неопходно за понатамошно водење на постапката врз основа на обезбедените докази
Скопскиот основен кривичен суд му го продолжи краткотрајниот притвор за нови 48 часа на Стојанче Јовановски, чии сопруга и шестгодишна ќерка во понеделникот беа пронајдени мртви по пад од балкон на висококатница во населбата Карпош.

Притворот е продолжен на барање на Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи истражителите и понатаму постапуваат по издадените наредби за вештачење на три мобилни телефони и други предмети. Дополнително се обезбедуваат и анализираат видеозаписи од повеќе критични локации, како и целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство кои се однесуваат на осомничениот и починатата жена.
Инаку, на Јовановски пред два дена му беше определен краткотраен притвор од 48 часа за, како што наведоа тогаш од Обвинителството, обезбедување докази во однос на сомненијата и за да се извршат вештачења, анализи на камери и известувања од претрес и други дејствија.
Јовановски е задржан во краткотраен притвор поради сомневање дека сторил три кривични дела – наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП), Обвинителството може да бара продолжување на краткотрајниот притвор за нови 48 часа, но само еднаш откако тој е претходно определен. Во понатамошниот тек на постапката, доколку смета дека е потребно, може да побара долготрајна мерка притвор, доколку оцени дека тоа е неопходно за понатамошно водење на постапката врз основа на обезбедените докази.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во средата на прес-конференција, говорејќи за случајот што ја вознемири јавноста и предизвика бран реакции, рече дека Јовановски и досега ѝ бил познат на полицијата по дела поврзани со насилство и други криминални активности.
Според Тошковски, против осомничениот скопската полицијата во изминатите години поднела вкупно 10 кривични пријави за дела од областа на насилниот криминал, недозволена трговија со дрога и имотни деликти.
Во декември лани лицето било лишено од слобода откако кај него биле пронајдени 20 пакувања со дрога (марихуана и амфетамин), по што Министерството за внатрешни и работи поднело пријава до Обвинителството по брза постапка, за што биле изречени мерки на претпазливост од страна на судот.
Во текот на минатата и на почетокот на оваа година, во Министерството за внатрешни работи, како што наведе министерот, биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците. Полицијата, според него, постапувала по секоја пријава, но во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената, која се откажувала од водење понатамошни постапки.
Премиерот Христијан Мицкоски прашан денеска дали Владата планира да преземе нешто по настанот во Карпош, но и по сите случаи на семејно насилство, упати апел до сите жртви на ваков вид насилство да ги пријавуваат насилниците и да не ги повлекуваат пријавите, за институциите да можат да постапат соодветно.
Во однос на барањата на СДСМ за оставка од Тошковски, премиерот рече дека не би ја коментирал опозицијата бидејќи, како што рече, секојдневно бара оставки од функционерите во власта без разлика на аргументите.
