Тој нагласи дека во овој момент не постојат ризици по безбедноста на земјата, повикувајќи се на информациите добиени од надлежните институции на Советот за безбедност, што го свика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Безбедносната состојба во државата е стабилна и мирна, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека во овој момент не постојат ризици по безбедноста на земјата, повикувајќи се на информациите добиени од надлежните институции на Советот за безбедност, што го свика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова откако почна воениот конфликт на Блискиот Исток.
Сепак, тој рече дека се можни економски импликации, пред сè во енергетскиот сектор.
„Повеќе тука мислам на цената на енергентите на нафтата и гасот, повеќе на нафтата бидејќи ние немаме премногу голема зависност за гасот“,
рече Мицкоски.
Поради завршувањето на грејната сезона и ограничената индустриска зависност од гас, Мицкоски вели дека во тој сектор не се очекуваат поголеми потреси
Според него, притисоци се можни во нафтената индустрија и поради тоа со Министерството за финансии веќе разгледувале опции за намалување на акцизите и даноците со цел да се ублажи ценовниот шок врз граѓаните.
Мицкоски информира дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е во завршна фаза на организирање превоз за граѓаните кои се наоѓаат во регионите зафатени со воени дејствија.
„Од денеска почнува евакуацијата. Така што од денеска сме апсолутно во насока на обезбедување на сè она коешто е потребно за нормално функционирање како на институциите, така и на безбедно враќање на нашите граѓани кои сакаат да си дојдат дома“,
рече Мицкоски.
Посочи дека од Бахреин, Катар и Обединетите Арапски Емирати веќе има обезбедено превоз и тоа ќе биде на товар на државата.
„Дел од оние кои се од Израел и околните земји, исто така, што секој оној кој е во регионот каде што има воени дејствија само нека ги следи соопштенијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија“,
рече Мицкоски.
