Изборот на нов заменик во МОН доаѓа откако досегашниот Лулзим Алиу во јануари годинава поднесе неотповиклива оставка од функцијата од лични причини. Во Одбрана, пак, немаше заменик-министер речиси една година откако во мај лани заменик-министерката Елфет Исмаили од редовите на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари поднесе оставка по одлуката партијата да ја напушти власта и да премине во опозиција
Со 71 глас „за“ и 11 „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието денеска ги избра Адмир Шабани за заменик-министер за одбрана и Дритон Сулејмани за заменик-министер за образование и наука.

Пред гласањето, од собраниската говорница се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој образложувајќи ги предлозите, рече дека не се работи само за кадровска одлука туку за поширок процес на зајакнување на институциите, враќање на довербата во државата и градење систем кој работи во интерес на граѓаните.
„Во време на сериозни безбедносни предизвици, кога светот се соочува со нови ризици и нестабилности, нашата држава мора да има институции кои се силни, професионални и подготвени да одговорат на секој предизвик. Нашата армија е гордост на државата и симбол на стабилноста, професионализмот и на нашата евроатланска определба. Затоа е важно во Министерството за одбрана да работат луѓе кои ќе придонесат во натамошната модернизација на одбранбениот систем, зајакнување на институционалниот капацитет и продлабочување на соработката со нашите сојузници. Убеден сум дека Адмир Шабани ќе даде значаен придонес во таа мисија“,
рече Мицкоски образложувајќи го предлогот Адмир Шабани да биде нов заменик во Одбрана.
За Дритон Сулејмани, пак, кој беше предложен, а потоа и избран за нов заменик-министер за образование и наука, премиерот рече дека верува оти со својата работа и посветеност ќе придонесе кон унапредување на образовниот систем и кон спроведување на реформите.
„Нашата цел е јасна – образование кое создава знаење, кое развива критичко размислување и кое ги подготвува младите за современиот свет и кое ја прави македонија конкурентна и развиена држава“,
рече меѓу другото Мицкоски образложувајќи го предлогот Дритон Сулејмани да биде избран за заменик во МОН.
Инаку, изборот на нов заменик-министер за образование и наука доаѓа откако досегашниот Лулзим Алиу во јануари годинава поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради лични причини.
Во Министерството за одбрана, пак, немаше заменик-министер речиси една година откако лани во мај заменик-министерката Елфет Исмаили од редовите на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари поднесе оставка по одлуката партијата да ја напушти власта и да премине во опозиција.
