Анкара ги повика сите страни вклучени во конфликтот да се воздржат од дејствија што дополнително би ја ескалирале војната во регионот

Турција денеска објави дека системот за ракетна одбрана на НАТО пресретнал балистичка ракета лансирана од Иран. Како што соопшти Министерството за национална одбрана, ракетата била пресретната пред да влезе во турскиот воздушен простор.
„Балистичка ракета испукана од Иран, која беше откриена како се упатува кон турскиот воздушен простор откако помина низ ирачкиот и сирискиот воздушен простор, беше неутрализирана навремено од воздушната и ракетната одбрана на НАТО распоредена во источниот Медитеран“,
објави Министерство, пренесе „Хуриет“.
Оттаму наведуваат дека во инцидентот нема жртви ниту повредени.
„Нашата решителност и способност да ја обезбедиме безбедноста на нашата земја и граѓаните се на највисоко ниво. Секој чекор за одбрана на нашата територија и воздушен простор ќе биде преземен решително и без двоумење“,
соопшти Анкара додавајќи дека го задржува правото да одговори на какво било непријателство кон Турција.
Анкара ги повика сите страни вклучени во конфликтот да се воздржат од дејствија што дополнително би ја ескалирале војната во регионот.
„Турција ќе продолжи да ја исполнува својата одговорност на конструктивен начин за намалување на тензиите во регионот и мирно решавање на проблемите. Консултациите и соработката со НАТО и нашите сојузници ќе продолжат во текот на целиот овој процес“,
заклучи Анкара.
Иран, откако беше нападнат од Израел и САД, започна напади врз неколку земји што ги смета за сојузници на Израел и САД во регионот.
Израел и неколку земји од Персискиот Залив беа цел на нападите: ОАЕ, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија и Оман, Ирак и Јордан. Исто така, имаше напади врз британска воена база на Кипар. Иранска ракета падна и врз Сирија. Не е јасно дали ова било намерно или случајно.
