Партиските структури едногласно одлучиле да му дадат овластување на Меџити да продолжи да го води процесот на трансформација на партијата и нејзиното прелевање во ВЛЕН како обединета, силна и современа политичка структура

Официјализирање на ВЛЕН во обединета политичка сила е темата за која вечерва на состанок разговарале партиските структури на Демократско движење на Изет Меџити.
Состанокот, како што информираат во партиското соопштение, бил на предлог на Меџити.
Партиските структури едногласно одлучиле да му дадат овластување на Меџити да продолжи да го води процесот на трансформација на партијата и нејзиното прелевање во ВЛЕН како обединета, силна и современа политичка структура.
На состанокот, се додава во соопштението, е манифестирана висока политичка зрелост и прифатена е пораката на мнозинството Албанци.
Од партијата додаваат оти се уверени дека продолжуваат да создаваат историска можност за ВЛЕН да продолжи да окрупнува и да ја зацврсти улогата на главен репрезент на волјата на мнозинството Албанци.
„Овој чекор ја консолидира албанската политичка сцена и поставува цврсти основи за поголемо учество и влијание на Албанците во идниот политички живот“,
велат од партијата.
Минатиот месец, одлука за спојување на повеќе политички партии, што се сега дел од коалицијата ВЛЕН, во еден политички субјект донесе и движењето Беса чиј лидер е Биљал Касами, актуелен градоначалник на Општина Тетово.
Касами тогаш рече дека Централното собрание на движењето Беса со мнозинство гласови ја одобрило одлуката за распуштање на ова партиско тело со цел во иднина партијата да биде дел од процесот почнат за спојување на повеќе политички партии во партијата ВЛЕН како еден политички субјект.
Тој додаде дека Собранието го овластило како претседател да продолжи со разговорите за иднината на ВЛЕН давајќи поддршка за спојувањето во еден субјект со решение што го почитува принципот на правда и ги слуша гласот на волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци.
Оваа одлука на Беса наредниот ден беше поддржана од претседателот на Демократско движење и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити кој рече дека во повеќе наврати сите лидери од коалицијата разговарале за можноста ВЛЕН да функционира како единствен политички субјект бидејќи тоа го бара членството и локалните структури.
Прашан кој би бил лидер на евентуално обединетиот политички субјект, Меџити рече дека во оваа фаза не се разговара за персонални решенија додека неговиот колега Касами на новинарско прашање дали тој ќе биде претседател на новата заедничка партија во рамки на коалицијата ВЛЕН, рече дека има неколку опции за дискусија. Тој рече дека е подготвен доколку заеднички проценат дека би требало да преземе некоја обврска.
