Руте додаде дека за време на викендот разговарал со многу лидери и чувствува дека отстранувањето на нуклеарните капацитети и балистичките проектили и исто така Хамнеи е нешто што е поддржано од сите негови колеги во НАТО

Алијансата не е директно вклучена во последните случувања на Блискиот Исток, но НАТО ќе го одбрани секој дел од територијата на земјите членки, рече генералниот секретар на НАТО, кој е во посета на земјава, на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Според Руте, воените команданти секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени земајќи ја предвид секоја закана. Руте ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква е позицијата на НАТО по последните случувања на Блискиот Исток и каков може да биде одговорот на Алијансата доколку дојде до ескалација на состојбата.
„НАТО-алијансата не е вклучена, но да бидеме јасни што се случува. Иран има капацитети за користење на проектили, што е опасност не само за регионот на Блискиот Исток, туку е опасност и за нас во Европа. Знаеме дека Иран е извезувач на хаос и тоа го прави со децении преку терористички напади, обиди за атентати. Можам да ви кажам од моето лично искуство дека многу лица се во опасност од иранскиот режим. И зборувам тука за режимот, не за луѓето, но НАТО не е вклучен. Можам да ве уверам дека НАТО ќе го одбрани секој дел од својата територија“,
рече Руте.
Тој истакна дека тоа што треба да се земе предвид е дека кампањата на САД и Израел е насочена кон нуклеарните капацитети на Иран и додаде дека иранскиот духовен лидер, Али Хамнеи, кој беше убиен во американско-израелските воздушни напади е потенцијално одговорен за 10 000 смртни случаи, поради иранскиот режим против кој луѓето протестираат.
„Затоа мислам дека сите сме во подобра ситуација со тоа што тој веќе не е тука, како и со намалувањето на нуклеарните капацитети во моментот“,
додаде Руте.
Во врска со тоа дали во НАТО постои единство за случувањата, Руте напомена дека ова е кампања што ја водат САД и Израел, но многу сојузници даваат поддршка, што не е дел од кампањата, туку повеќе логистика.
„И тоа што го гледаме е дека многу сојузници даваат значајна поддршка, што не е дел од кампањата, туку во однос на пристап, логистика. На пример во Шпанија веќе 10 години се бранат интересите. Сето ова се примери за тоа како НАТО колективно, но секако и поединечните сојузници ја користат можноста да ги стават базите на располагање“,
рече генералниот секретар на НАТО.
Руте додаде дека за време на викендот разговарал со многу лидери и чувствува дека отстранувањето на нуклеарните капацитети и балистичките проектили и исто така Хамнеи е нешто што е поддржано од сите негови колеги во НАТО.
Сиљановска-Давкова нагласи дека посетата на Руте е јасен знак дека НАТО е со нас и потсети дека и во самиот говор тој посочил дека Алијансата ќе ги брани сите нејзини членки доколку се најдат во положба да бидат нападнати.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија, доколку НАТО во иднина интервенира каде било на Блискиот Исток, би го поддржала тоа, таа истакна дека каков било разговор за активности на Алијансата не може да се води само со изјава на еден претставник на земја на НАТО, туку во рамките на самата Алијанса.
„Јас не би можела да ви одговорам што ќе се случи ако НАТО интервенира во регионот каде што сега се водат војните, бидејќи знаеме дека НАТО ја штити територијата на своите членки. Значи, каков било разговор за активности на НАТО не може да се води само со изјава на еден претставник на земја на НАТО, туку во рамките на НАТО-сојузот заедно и веројатно сите чекори на НАТО врзани за активностите ќе бидат утврдени по заедничка расправа за нив“,
рече претседателката.
Сиљановска-Давкова и Руте на заедничката прес-конференција нагласија дека денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
