„Дали на кого било му се верува дека во проектот беше изоставена, не сакам да употребам друг збор, еластична ограда или кај народот познати како банкини. Беше изоставена жичена ограда на автопатот и беше изоставена жичена ограда којашто се става на косините“, вели министерот за транспорт

Изоставени се клучни елементи и затоа Собранието го продолжи рокот за доизградбата на автопатот Кичево-Охрид и одобри дополнителни пари, вели министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Откако парламентот минатата недела ја одобри одлуката за продолжување на рокот до 31 мај 2027 година, при што беа одобрени уште 186 милиони евра за проектот кој се гради 12 години, Николоски вели тоа е така затоа што, меѓу другото, не се мислело ниту на банкините ниту на придружните патишта.
Иако изјавите на Николоски и изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ ветуваа завршување на автопатот до крајот на 2026 година, министерот за транспорт вели дека пролонгирањето е резултат на затекнати технички пропусти, финансиски потреби и неопходност од административно запишување на објектот.
Како еден од најголемите парадокси во досегашното планирање, министерот го издвојува недостигот на безбедносна опрема.
„Дали на кого било му се верува дека во проектот беше изоставена, не сакам да употребам друг збор, еластична ограда или кај народот познати како банкини. Беше изоставена жичена ограда на автопатот и беше изоставена жичена ограда којашто се става на косините. И тоа државата ќе ја чини дополнителни 37 милиони евра затоа што едноставно на почетокот не биле предвидени“,
вели Николоски.
Министерот повтори дека не биле предвидени ниту влезно-излезни клучки, како и ниту паралелни патишта кои се стандард за обезбедување алтернативна рута без плаќање патарина.
Техничките предизвици, образложи Николоски, се зголемуваат и со проблемот со свлечиштата каде што цели планини се спуштаат на трасата, па се предвиде изградба на 14 галерии по целата должина.
И покрај новиот законски рок, министерот уверува дека самата градба ќе биде завршена во ветениот термин.
„Рокот останува 31.12.2026 година и ако го видите делот на откажување од побарување или ’клејмови’, ние успеавме да се договориме со изведувачот да се откажат од сите отштетни побарувања до 31.12.2026 година, што значи дека државата нема да плати денар плус од тоа што е предвидено“,
рече министерот за транспорт.
Дополнителните пет месеци Собранието ги даде за премери и комисиски проверки за конечно запишување на автопатот бидејќи, вели Николоски, речиси целата патна мрежа во државата технички се третирала како нерегистрирана градба.
„Ставаме дополнителен рок од пет месеци со цел да можеме да го запишеме автопатот и да добие употребна дозвола. Имајќи предвид дека јас се затекнав со една шокирачка состојба, а тоа е дека кога бев избран само два патни правци во Македонија беа запишани, сето друго е, народски кажано, дивоградба. Тоа не е диво градено, но имајќи предвид дека не е запишано, се третира така, како што охридскиот аеродром не беше запишан и ние го запишувавме. Запишани се Скопје-Штип и Демир Капија-Смоквица. Тоа се два потези коишто се запишани. Сè друго, вклучувајќи ги и старите автопати, не се запишани и ги нема никаде“,
изјави вицепремиерот.
Самите градежни активности на терен се очекува да завршат во ноември или декември 2026 година, во зависност од временските услови, вели тој.
Иако вкупната инвестиција сега достигнува 784 милиони евра, што е двојно повеќе од првично планираната сума, министерот вели дека доколку проектот бил завршен навреме трошоците би биле многу пониски, но инфлацијата и долгогодишното неработење го направиле своето.
Сепак, тој го застапува ставот дека овој проект и понатаму е финансиски поповолен од поновите договори за другите патни коридори:
„Ова е сè уште најевтиниот автопат што во моментов се гради во Македонија“.
Според неговите пресметки, просечната цена по километар за Кичево-Охрид изнесува околу 13,5 милиони евра, што е помалку во споредба со просекот од 16 милиони евра кај договорот со „Бехтел и Енка“ или предвидените 20 милиони евра по километар за делниците Кичево-Букојчани и Скопје-Блаце.
