Според Си-ен-ен, две силни експлозии, една по друга се слушнаа во Дубаи, додека авиони летаа над градот. Во Абу Даби одекна силна експлозија. Експлозии се пријавени и во Доха, главниот град на Катар
Иран утрово започна голем ракетен и беспилотен напад кон Израел, но експлозии се слушнаа и во неколку градови во Персискиот Залив, вклучувајќи ги Доха, Кувајт, Дубаи, Абу Даби и Бахреин.
Силни експлозии одекнаа низ целиот регион, а според првичните извештаи, воздушната одбрана е активирана во неколку земји.

Според Си-ен-ен, две силни експлозии, една по друга се слушнаа во Дубаи, додека авиони летаа над градот. Во Абу Даби одекна силна експлозија. Експлозии се пријавени и во Доха, главниот град на Катар.
Сирени за воздушен напад се огласија и во Кувајт, каде што властите потврдија дека воздушната одбрана пресретнала повеќе беспилотни летала што се приближиле до главниот град. Бригадниот генерал Мохамед Ал-Мансури, директор на Кувајтската цивилна одбрана, потврди дека вооружените сили одбиле воздушен напад на северот од земјата.
Сирени се огласија и во Бахреин, а Министерството за внатрешни работи ги повика жителите да останат смирени и да се упатат кон најблиското безбедно место. Според достапните информации, едно лице загина во таа земја.
САД, Саудиска Арабија и другите арапски земји издадоа заедничка изјава во која ги осудуваат иранските напади, истакнувајќи дека нападите се насочени кон суверени територии, загрозени се цивили и има оштетена инфраструктура.
„Овие напади претставуваат ескалација што ја загрозува регионалната стабилност. Напаѓањето на цивили и земји кои не се вклучени во војната е неодговорно и дестабилизирачко однесување“,
се наведува во соопштението.
Претходно, министрите за надворешни работи на земјите од Советот за соработка во Заливот ги осудија иранските напади на итен видеосостанок, нарекувајќи ги дрски и неоправдани.
Тие го потврдија правото на земјите членки ги да преземат сите потребни мерки и да ги користат сите расположливи ресурси за да ја заштитат својата безбедност и стабилност, нагласувајќи ја важноста од зачувување на безбедноста на регионот и неговите жители.
