За кратко време корисникот беше пронајден, извршен е разговор и констатирано е дека лицето е безбедно и во добра состојба. За настанот се известени и родителите, кои се запознаени со целокупната состојба и понатамошните чекори, соопшти полицијата

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на изминатото деноноќие, при редовните активности за следење на дигиталниот простор, детектирале објава на социјална мрежа со содржина што укажувала на можна намера за самоубиство на малолетно лице.
Оттаму велат дека веднаш го лоцирале и го идентификувале лицето и со него е извршен службен разговор.
„За кратко време корисникот беше пронајден, извршен е разговор и констатирано е дека лицето е безбедно и во добра состојба. За настанот се известени и родителите, кои се запознаени со целокупната состојба и понатамошните чекори“,
соопшти МВР.
Од ресорното министерство велат дека овој случај ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор.
„Апелираме до родителите да одржуваат редовна и отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат навремено при забележување повлеченост, вознемиреност, заканувачки или загрижувачки објави и други несвојствени однесувања. Воедно, упатуваме апел и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави со содржина што упатува на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на самата платформа, а доколку им е познат идентитетот на лицето, да известат родител, старател, наставник, друго возрасно лице или најблиската полициска станица. Навремената реакција може да спаси човечки живот“,
велат од МВР.
