Многумина жители на градот ваквата слика ги потсетила на ситуацијата од пред шест години, за време на блокадите поради ковид-пандемијата, кога Дубаи, како и остатокот од светот, нагло замолкна
Дубаи денеска е речиси непрепознатлив. Вака Си-ен-ен ја почнува кратката сторија за градот во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кој како и Абу Даби се најде на мета на одмаздничките напади на Иран, по заедничката воена операција на САД и Израел.

Во зимски викенд – во пикот на туристичката сезона – плажите, трговските центри и хотелите во градот вообичаено се полни. Но, наместо тоа, како што пренесува американската телевизија, автопатиштата во Дубаи денеска во голема мера се празни, а небото чисто, без авиони кои пристигнуваат и заминуваат. Пристаништето, кое вообичаено е исполнето со јахти и забави на бродови, е новобичаено мирно.
Многу жители на градот ваквата слика ги потсетила на ситуацијата од пред шест години, за време на блокадите поради ковид-пандемијата, кога Дубаи, како и остатокот од светот, нагло замолкна.
Училиштата во градот повторно се префрлени на настава преку интернет, а семејствата се во своите домови, стравувајќи од можни ирански напади.
„Се чувствуваме како да се денови на ковид. Тивко, сончево, птиците црцорат и нема звуци од сообраќај или летање на авиони“,
вели Пол Девит, видеограф на Си-ен-ен во Абу Даби.
Некои жители, како што објави телевизијата, набрзина ги посетуваат супермаркетите за да се снабдат со намирници, а апликациите за нивна достава до дома пријавиле доцнења на испораките, поради зголемена побарувачка. Улиците на населбите кои обично се преполни до доцна навечер, сега се празни.
Со затворањето на воздушниот простор на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), некои луѓе заминале во „потивките делови од земјата“.
Во Хата, во близина на границата со Оман, еден хотел претворил конференциска сала во импровизирано засолниште за туристи кои се одјавиле, но не можат да летаат до дома. Некои новодојдени гости рекле дека со своите семејства заминуваат од деловите на Дубаи кои беа цел на иранските напади.
Други, пак, влегле во Оман по копнен пат, Оман засега е единствената земја во регионот која остана недопрена од вчерашните напади. Меѓутоа, денеска, властите на Оман соопштија дека два беспилотни летала погодиле тамошно пристаниште.
Инаку, Дубаи, град кој се гордее со својата безбедност и стабилност, нема јавни засолништа за бомби, наведува Си-ен-ен во сторијата. Поради тоа многу жители вчерашниот ден и ноќта ги поминале во подземни паркинг-гаражи, каде што родителите се обидувале да ги заштитат вознемирените деца од експлозиите што одекнувале над нив.
Дел од нив им кажале на своите синови и ќерки дека експлозиите биле рамазански огномет или топови, кои традиционално се користат за време на ифтар во муслиманските земји.
Медиумите денеска соопштија дека две лица се повредени во Дубаи откако остатоци од беспилотни летала биле пресретнати од воздушната одбрана на земјата. Остатоците, според властите на ОАЕ, паднале во дворови на две куќи.
Дополнително, мали оштетувања се регисртирани во еден од ходниците на меѓународниот аеродром во градот по инцидентот што се случил денеска наутро.
Вчера во Дубаи беа повредени четири лица откако луксузен хотел во областа Палм Џумеира беше оштетен во иранските одмазднички напади.
Инаку, Палм Џумеира е вештачки архипелаг во Дубаи, познат по луксузните хотели. Соединетите Американски Држави се воено присутни во Обединетите Арапски Емирати, но остана нејасно која била потенцијалната цел на Иран во овој дел од градот.
Во ОАЕ престојуваат и голем број македонски државјани кои работат или се во туристичка посета на земјата, особено на Дубаи.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, Амбасадата на земјава во Абу Даби отвори телефонска линија на која нашите државјани, кои се наоѓаат во Емиратите, можат да се пријават и да побараат помош.
