Од ресорното Министерство велат дека со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, како и дека се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата
Се зголемува бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток, каде што и понатаму беснеат непријателствата помеѓу САД и Израел и од една и Иран од друга страна, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, повикувајќи се на информации од амбасадите на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и на јавувања на СОС-телефонот во Министерството во Скопје.

Оттаму велат дека со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, како и дека се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата.
Во соопштението не е наведена прецизна бројка колку наши државјани досега пријавиле дека се наоѓаат во подрачјата загрозени од конфликтот. Вчера од Министерството соопштија дека единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел, преку диппломатско-конзуларните преставништво во Тел Авив.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“,
се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од ресорното Министерство потсетуваат дека од вчера е формиран кризен штаб во рамките на институцијата, кој на граѓаните им е достапен 24 часа.
Неговата задача, како што се наведува, е континуирано да ја следи состојбата на Блискиот Исток и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС-дежурен телефон (МНРНТ): 075/273-732,
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха, тел: +974 50 173 111,
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби, тел: +971 56 441 7532“,
се додава во соопштението.
Денеска попладне во Вилата „Водно“ ќе се одржи седница на Советот за безбедност, а повод се случувањата на Блискиот Исток по израелско-американскиот напад на Иран и одмазничките напади кои уследија од страна на Техеран. Седницата, закажана за во 18 часот, ја свика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, по извршени консултации.
Денеска иранските сили започнаа нов бран одмазнички напади врз Израел и други држави во Заливот, а кои доаѓаат по убиството на врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Истовремено и израелските сили објавија дека почнале со повторни воени дејствија врз цели во Иран.
