Во интервју за порталот „Аксиос“, тој не дал конкретен временски рок до кога би траела офанзивата, и кажал дека тоа ќе зависи од настаните на терен, како и од судбината на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи
Претходно, во телевизиско обраќање, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, сугерира дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамние е убиен во денешните напади
Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека постојат неколку опции во однос на војната со Иран, меѓу кои и долгорочен обид за „преземање“ на земјата.

„Можам да одам долго и да ја преземам целата работа, или да ја завршам за два или три дена и да им кажам на Иранците. Се гледаме повторно за неколку години, ако почнете да ги обновувате ‘нуклеарните капацитети на земјата’“,
изјавил тој во петминутно интреву за американскиот портал „Аксиос“.
Претседателот на САД, исто така, навел дека на Иран ќе му бидат потребни неколку години да се опорави од заедничкиот американско-израелски напад, што уследи по неуспешната трета рунда преговори за нуклеарната програма на Техеран, што неделава се одржа во Женева.
Трамп изјавил и дека Иран започнал со обнова на некои од нукеларните објекти што беа цел на американски напади минатата година, и за кои тој тогаш тврдеше дека се уништени.
„Од тоа заклучив дека тие навистина не сакаат договор“,
рекол тој.
Во интервјуто тој не дал конкретен временски рок до кога би траела офанзивата, и кажал дека тоа ќе зависи од настаните на терен, како и од судбината на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
Американскиот претседател рекол дека имал одличен разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по нападите, додавајќи дека и двајцата биле на иста бранова должина.
Претходно, во телевизиско обраќање, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, сугерира дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамние е убиен во денешните напади. Иако беше најавено негово обраќање, ајатолахот се нема појавено откако започнаа нападите, а сателитските снимки што беа објавени покажуваат дека комплексот од неговата резиденција во Техеран е тешко оштетен уште во првиот бран од заедничките американско-израелски напади.
„Постојат многу знаци дека (Хамнеи) повеќе не е жив“,
рече Нетанјаху вечерва, пренесоа светските медиуми.
Израелскиот премиер додаде дека во израелските напади се убиени и „неколку лидери“ вклучени во иранската нуклеарна програма и дека нападите врз локации поврзани со програмата ќе продолжат во наредните денови.
Од друга страна, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи за Скај њуз и за Ен-би-си њуз изјави дека и ајатолахот Али Хамнеи и претседателот на земјата, Масуд Пезешкијан се „безбедни и здрави.
Во меѓувреме, иранската Црвена полумесечина вечерва соопшти дека најмалку 201 лице загинало, а 747 се ранети во нападите на САД и Израел против Иран.
Организацијата во соопштението објавено од новинската агенција ИСНА наведе дека „24 (од 31 иранска провинција) биле погодени и оти Црвената полумесечина е во состојба на тревога“.
Инаку, ова е првиот официјален биланс на жртви од нападите за кој информира организација во Иран.
