Израелските претставници изјавија дека врвните ирански режимски и воени лидери, вклучувајќи го и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и претседателот Масуд Пезешкијан, биле цел на нападите. Се верува дека Хамнеи не е во Техеран и е однесен на безбедна локација, додека иранските медиуми известуваат дека Пезешкијан е безбеден

Иранската револуционерна гарда соопшти дека започнала напади врз американските воени бази во Персискиот Залив како одмазда за големиот напад на САД и Израел врз Иран денеска. Експлозии биле пријавени во Бахреин, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Катар. Едно лице е убиено од шрапнели од иранска ракета во ОАЕ, соопштија официјални лица, јавуваат светските медиуми.
Иран, исто така, лансираше повеќе ракети и дронови кон Израел, а пријавени се и експлозии на небото над Ерусалим. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека системите за воздушна одбрана работат на соборување на ранкетите лансирани од Иран.
Израелските претставници изјавија дека врвните ирански режимски и воени лидери, вклучувајќи го и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и претседателот Масуд Пезешкијан, биле цел на нападите. Се верува дека Хамнеи не е во Техеран и е однесен на безбедна локација, додека иранските медиуми известуваат дека Пезешкијан е безбеден.
Иран соопшти дека во израелскиот напад убиени се најмалку 40 девојчиња во женско основно училиште во Минаб во јужната покраина Хормозган. Најмалку 45 други се ранети во нападот, но нема дополнителни детали за жртвите.
Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека започнале големи борбени операции во Иран и најави целосно уништување на нивната ракетна индустрија. Тој вели дека САД преземаат масовна операција за, како што посочи тој, да спречат оваа радикална диктатура да ја загрози Америка.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, го повикаа иранскиот народ да ја преземе судбината „во свои раце“ и да го срушат режимот во Техеран.
Третата рунда индиректни нуклеарни разговори меѓу Иран и САД се одржа пред два дена во Женева – без никаков пробив. Иран вели дека иако знаеле за намерите на САД и Израел за напад, сепак влегле во преговори за нуклеарната програма за да „демонстрираат нелегитимност на секој изговор за агресија“.
