Она на што Филипче побара конкретен одговор од премиерот Мицкоски беше кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и дали има лична релација со него
Премиерот Мицкоски на конкретното прашање даде кус одговор и го упати Филипче повеќе информации да побара од поранешниот министер за правда во претходната влада додавајќи „ако ви е на вас мрежата Икс репер како политичка партија, тогаш не би сакал да цитирам што сè се има напишано за вас и за тие околу вас“

Фотоколаж: „360 степени“’
Назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Република Србија денеска беше темата од која почна собраниската дебата меѓу лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски.
Филипче на седницата за пратенички прашања на почетокот реагираше на економската ситуација во земјата велејќи дека нема област за која може да се постави прашање и да се добие одговор.
„Се мислав на која тема да поставам прашање, а притоа да добијам конкретен одговор, да не биде тоа повторно во длабокото, па вака, па така“,
рече Филипче.
Во своето излагање, пред да постави конкретно прашање, Филипче се осврна на неприфаќањето на предлогот за зголемување на минималната плата, на состојбата во земјоделството, каде што рече дека има проблем, како и на носењето на Законот за високо образование, за кој рече дека е неуставен.
Она на што Филипче побара конкретен одговор од премиерот Мицкоски беше кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и дали има лична релација со него. Ова се дел од прашањата за кои СДСМ побара одговор и пред неколку дена кога објави фотографии од Адамовиќ и негови објави на социјалната мрежа Икс (претходно Твитер).
„Кој е Душан Адамовиќ? Новоназначениот конзул на Македонија во Србија. Кои критериуми се исполнети согласно упатството за постапка за номинации и задачи на почесни конзули објавено во ’Службен весник’?“,
праша Филипче.
Лидерот на опозицијата упати обвинувања за профилот на новоименуваниот конзул повикувајќи се на законските критериуми за оваа позиција. Тој истакна дека почесен конзул треба да биде личност со висок интегритет и докажан пријател на државата, што, според него, не е случај со Адамовиќ.

Тој потсети на критериумите што треба да ги исполнува еден почесен конзул, односно дека треба прво да е докажан пријател или да негува почит и симпатии кон Република Северна Македонија.
„На Икс видовме дека човекот пишува дека ова е српска Македонија и дека е окупирана територија. Тоа ли е исполнет критериум?“,
додаде Филипче.
Тој дополнително се повика на медиумски написи според кои Адамовиќ имал сомнително минато поврзано со инциденти со огнено оружје и експлозии на возила, прашувајќи дали Агенцијата за национална безбедност (АНБ) воопшто извршила проверка. Филипче го обвини премиерот дека единствената квалификација на Адамовиќ е неговата позиција во „сестринската партија“ СНС во Србија.
Премиерот Мицкоски на конкретното прашање даде кус одговор и го упати Филипче повеќе информации да побара од поранешниот министер за правда во претходната Влада.
„Ако ви е на вас мрежата Икс репер како политичка партија, тогаш не би сакал да цитирам што сè се има напишано за вас и за тие околу вас. А, околу Душан Адамовиќ ќе го прашате поранешниот ваш министер за правда во претходната влада, тој ќе ви даде одговор подобар од мене“,
одговори Мицкоски.
Но, на овој одговор му претходеше образложение од Мицкоски на темите за кои Филипче рече дека имаат лоша политика, а коментар имаше и околу „не знам што прашање да ви поставам“.
„Кога велите не знаете кои прашања да ги поставите, јас мислев ќе ме прашате која е најдобрата песна на Харис Џиновиќ за следниот пат кога ќе отидете во Дубаи таа да ја нарачате. Или ќе го поставите прашањето дали бевте добро исончан на една јахта која крстареше на егејските плажи, но очигледно сте ги заборавиле тие прашања. Или, пак, можеби ќе сакате да ве потсетам која е компанијата што требаше да ги набавува вакцините додека бевме држава со најголема смртност во Европа од ковид, или можеби ќе ми поставите прашање зошто не бевте во обвинителниот акт за Модуларната болница кога гореа живи луѓе во Тетово“,
рече Мицкоски.

Пратеникот Филипче, незадоволен од одговорот на премиерот, рече дека како и секогаш нема ниту еден точен одговор на ниту една тема.
„Премиере, не се води вака владата, ниту државата“,
му порача Филипче на Мицкоски, по што наиде на реакции кај дел од пратениците во салата.
Филипче укажа дека луѓето се незадоволни и оти работите не се бранат „така како што вие ги кажувате“.
„Тоа едноставно не се брани. Луѓето очекуваат поддршка од вас, а не Харис Џиновиќ, Дубаи итн. Не сакаат тоа да го слушаат. Тоа е кафеански муабет. Гледаме дека сакате да бидете експерт во сè. Ама ако сте експерт во сè, слушнете ги луѓето и нивните барања и најдете им решение затоа што сето друго е импровизација“,
додаде Филипче.
