„Планска програма за почист воздух“ е името на документот кој во декември 2024 го презентираше тогашниот прв вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, а зад него стоеја бројни министри, директори, градоначланици… Во име на Владата, вети 20 мерки, со конкретни рокови, индикатори за успех, надлежни институции и резултати
За голем дел од мерките рокот е или изминат или изминува годинава, но сепак малку од ветеното е и завршено. Од 20 мерки, 10 или не се почнати или се во почетна фаза иако требало да бидат завршени. Шест мерки оценивме дека се во тек, додека само за три може да се каже дека се исполнети. За една мерка, не добивме одговор од надлежните институции
Пред година и пол бината во медиа-центарот на Владата беше претесна за бројните функционери дојдени да го претстават планот за чист воздух. Во документот повеќе институции се обврзаа и со рокови – кои чекори ќе ги преземат за да го намалат загадувањето.
„Ќе инсистирам на нивно ангажирање и завршување пред се во мојот ресор, но ќе ги координирам, следам и поттикнувам активностите како вицепремиер во сите институции кои ќе имаат дел од договорноста за спроведување“,
кажа вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити (19.12.2024г.)
Во период од годината кога граѓаните повторно бараат чист воздух, проверивме – дали тие што се надлежни ги исполнија мерките кои самите ги ветија.
Лисиче е една од скопските населби каде мерната станица често покажува висока концентрација на ПМ честички. Во истражувањата за утврдување на изворите на загадување на воздухот направени изминатите години, се покажа дека најголем удел има загревањето на домовите.

Граѓаните со кои разговаравме, a кои живеат во руралниот дел од населбата, се префрлиле на затоплување со електрична енергија, но не сите и целосно.
„Кој искористил, искористил – ги враќа старите ќумбиња да земе инвертер клима. Ама има такви што се грејат на дрва, што лично јас не верувам дека е загадувањето од дрвата.
„Па се загреваме комбинирано некогаш на струја, некогаш на дрва така комбинирано. Имаме парно, во подрумот ни е долу, така што по потреба – ако е поладно парното, ако е потопло на струја.
„Обично со бука се грејам, со години да ти кажам правилно“ – Каде набавувате, од складови, од претпријатие?Од складови, да. Па нема во претпријатие, тешко ги има сега“,
Квалитетно огревно дрво е насловот на една од мерките во владиниот план за чист воздух. Одговорна институција е Јавното претпријатие „Национални шуми“. Тие се обврзале дека „ќе обезбедат огревно дрво со влажност до 20% за продажба на домаќинствата“. А, во фаза 3, дрвото ќе се продава „на единица маса Kg со дефинирана топлинска моќ“.

Бидејќи рокот истекува во 2027, односно следната година, го прашавме директорот Здравко Трајанов дали веќе продаваат дрво според владиниот план.
„Со текот на годините ние ќе бидеме обврзани на некој начин да имаме во својата продажба, во својата палета и суво дрво. Нормално тоа ќе биде на некој начин организиран систем, треба да се преструктурираме, да обезбедиме такво дрво и да придонесеме дополнително граѓаните полесно да се снабдат со истото дрво“,
вели директорот на ЈП „Национални шуми“ Здравко Трајанов.

И покрај тоа што не беше дециден во одговорот дали дрвото што го нудат на пазарот е исушено, во оваа фаза, вели директорот, се работи и со граѓаните. Почнале со кампања на социјалните мрежи за предностите на горење на суво дрво.
„Дрвото кое има влажност под 20% на некој начин многу помалку загадува, бидејќи ослободувањето на енергија е многу поголемо, а ослободувањето на тие ПМ честички кои загадуваат, е многу помало затоа што имаме правилно согорување, на некој начин имаме добробит и од аспект на енергија и многу помалку загадување,“
360 степени: Како граѓаните можат да знаат колку е суво дрвото, односно дали е до 20% кога купуваат од складови?
„Доволно е дрвото да престои преку зима или подолг временски период на сонце, тогаш дрвото природно просушува и на некој начин таа слободна влага излегува од дрвото“,
објаснува Трајанов.
„Национални шуми“ е само една од институциите, а продажбата на исушено дрво е само една од вкупно 20 мерки во Планот за чист воздух.

Се обративме до сите институции спомнати во владината програма со прашања – колку од мерките се спроведени во наведените рокови, на колку се работи, а колку воопшто не се почнати.
Речиси сите институции го испочитуваа нашето барање и на прашањата кои им ги испративме одговорија во зададените рокови. Но, во однос на роковите што им биле наложени од Владата или пак самите си ги зацртале, веќе доцнат.
Според одговорите, направивме семафор – што е спроведено, што е делумно направено, а што воопшто не е почнато. Иако се уште не се продава исушено огревно дрво со сертификат и по килограм, а не по кубик, оваа активност ја одбележавме со жолто поради досега започнатите активности.

Жолта боја дадовме и за изградбата на когенеративните гасни централи кои треба да прават и струја и топла вода за парно.
Причината е што од надлежното, Министерството за енергетика, ни одговорија дека во годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година е вклучена иницијатива за гасна когенеративна централа.
„Оваа година има веќе една приватна иницијатива, таа е за 495 мегавати во Неготино, тоа е една. Понатаму, како што знаете, потпишавме и меморандум за соработка со една сериозна и голема компанија од Република Турција – тие се заинтересирани да градат 2, можеби 3 когенеративни централи и секако тука е и ЕСМ со план да изградат во Битола когенеративна централа, така што тоа е веќе започнат процес“,
вели Божиновска.
Во однос на ветувањето дека ќе се субвенционираат топлински пумпи и високоефикасни котли за домаќинствата кои немаат пристап до централно греење, ставаме црвено светло. Црвено е и за ветувањето дека ќе се субвенционираат таксистите за да купуваат електрични возила.

Од министерството велат:
„Ги разгледуваваме владините програми за 2026 г, ги доусогласуваме, имаме три, сега даваме субвенции за сметките за електрична енергија. Најпрвин со новиот закон воведовме и методологија за детектирање на сиромаштијата во државата, работиме и на тоа и секако ќе имаме давање на инвертери, како во 2024 имавме над 6 илјади поделени, имавме во 2025 веќе одбрани над 4 илјади кои ќе добијат, тоа ќе го продолжиме и оваа година и ќе имаме давање субвенции за приклучок на гас, или дел колку што изнесува за топлотните пумпи“,
посочува министерката за енергетика Сања Божиновска.
„360 степени“: Колку средства се предвидени за таа намена?
Немаме дефинитивно, меѓутоа средствата ќе ги поделиме, како што кажав не е само една програма, ќе видиме ќе разгледаме секако ќе има, меѓутоа не знаеме, само што ги разгледуваваме програмите, средствата ќе ги знаеме наскоро.
вели Божиновска.
„360 степени“: Досега воопшто нема субвенции ниту за пумпи, ниту за котли?
„Не, бидејќи мора да поминат на владина седница овие програми, понатаму ќе дискуираме точно за финансиски средства“,
кажа Божиновска.
За најголем дел од мерките надлежноста е на Министерството за животна средина. Регионални центри за управување со отпад – се уште нема. Контрола на тоа што се горат граѓаните по домаќинствата, исто така – нема. Од владиниот ресор велат – не може ниту да има.
„Се разгледуваат опции за воведување на членови во новиот Закон за квалитет на амбиентален воздух. Во однос на контрола на домашни ложишта ниту една инспекциска служба нема право да влегува без правосуден налог по домови. Единствено доколку визуелно се утврди во дворно место во приватна куќа дека некој собира отпад, тогаш согласно Законот за управување со отпад постапува општински инспектор за животна средина. Дрво, јаглен, пелети, петрол кокс, односно цврсти енергенси не се забранети за огрев“,
велат од Министерството за животна средина.

Активностите кои се исполнети, а за кои Министерството за животна средина е наведено како прва одговорна институција, се – донесен е Закон за индустриски емисии, а на сила се и краткорочните мерки со кои се ограничуваат одредени активности при зголемено загадување.
На нашето прашање, колку е зголемен капацитетот на мерни станици согласно Планот за чист воздух, од овој владин ресор не добивме дециден одговор што е поставено во последниве година и три месеци. Но…
„Во план е проширување на системот со уште една мониторинг-станица која ќе се постави во Штип со што ќе се финализира процесот на проширување на системот, за што се завршени сите подготвителните активности и се очекува да се спроведе постапката за набавка на станицата“,
додаваат од министерството.
Црвена боја на семафорот добива мерката наречена „Инспекциски надзор во животната средина“ бидејќи, меѓу другото, нема единствен инспекциски систем за животна средина.
Стоп за шумски пожари – кај мерката која предвидува поставување регулиран систем за брза реакција при шумски пожари, од Владата велат дека во континуитет преземаат активности за јакнење на капацитетите за противпожарна заштита.

Европски технички преглед на возилата е мерка во надлежност на МВР. Ја означивме со зелена боја, бидејќи, како што велат оттаму, се спроведуваат засилени полициски контроли за техничката исправност на возилата што учествуваат во сообраќајот во периодоот од неомври до март.
Една од активностите е и упатување на вонреден технички преглед за мерење на емисијата на издувни гасови кај одредени возила.
„Покрај тоа, се спроведуваат и активности за контрола на станиците за технички преглед на возила, со цел да се утврди дали доследно се врши мерење на емисијата на издувни гасови согласно законските прописи. Активностите се реализираат континуирано, со зголемено присуство на полициски службеници и засилени контроли, согласно утврдената динамика и насоки“,
велат од МВР.
Од Министерството за транспорт не добивме одговор за мерката – планирање на идните емисии. Идејата, според Планот за чист воздух, е во опфатот на одредени урбанистички планови да се забрануваат, на пример, градби кои се загреваат на дрва, мазут или други фосилни горива.
Комунална полиција – нема.
Во однос на проектот – „Државата не загадува“, кој предвидува државните објекти да престанат да се греат на мазут, според нашиот семафор ознаката е жолта. Од Владата одговорија дека над 80 од објектите кои користеле мазут или цврсто гориво се влезени во програма за промена или веќе имаат направена целосна промена кон објекти со нула емисии на загадување.
Јавна флота без директни емисии предвидува дека владата ќе купува службени електрични автомобили.
„Во насока на оваа проблематика со загадувањето на воздухот, ние почнавме со оптимизирање на возниот парк. Расходувавме 104 возила, со тие средства коишто ги доби државата од продажбата на тие возила, планот ни е да ги побараме од Министерството за финансии и да отпочнеме постапка за набавка на електрични возила – градски електрични возила. Тие ни се наменети конкретно за оние курирски служби коишто опслужуваат од институција до институција, бидејќи моментално користиме некои стари возила коишто ем се поголеми загадувачи, ем бараат многу сервиси бидејќи се доста стари, од 2011 година“,
вели директорот на СОЗР Ивица Томовски.

Од продажбата на старите возила СОЗР добиле скромни 25 илјади евра. А, иако на хартија мерката изгледа амбициозно, скромни се и плановите за електрични возила.
Јас сум поддржувач на финансиски лизинг наместо на оперативен лизинг – да земеме две возила. За почеток ни се доволни две возила за да ги опслужат сите овие институции, доволни за сам почеток.
додава Томовски.
Задолженија, според планот, има и за Министерството за земјоделство. Едното е – укинување на субвенциите за земјоделците кои палат стрништа наместо да заоруваат. На нашето прашање, колку такви забрани изрекле, ни одговорија – не располагаат со таква информација.
За нивната обврска, да засадуваат по 8 милиони садници годишно или 40 милиони вкупно.
„Во текот на 2025 година засадени се вкупно 585 531 садник, додека за 2026 година е предвидено засадување на 525 000 садници“
велат од Министерството за земјоделство.

Последната мерка на нашиот семафор доби жолта боја и покрај неусогласеноста меѓу институциите.
На прашањето – колку конкурси се распишани во рамки на инструментот Институт за квалитет на амбиентален воздух, од Министерството за образование ни одговорија:
„Преку конкурсот за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети-факултети/научни институти/МАНУ за 2025 година, Министерството за образование и наука прифати и финансира реализација на проект – Electron Microscopy Scale Up – надградба на современата SEM технологија со TEM систем за евалуација на перкутаната пенетрација на ПМ честички, кој го спроведува Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип“,
велат од МОН.
А, во исто време, од Министерството за животна средина ни соопштија:
„Министерството, заклучно со 2026 година, не спровело конкурс во кој експлицитно се поддржува научна-истражувачка дејност за намалување на количеството на загадувачки материи во воздухот. Инструментот, Институт за квалитет на амбиентален воздух не ни е познат“
соопштија од Министерството за животна средина.
Или, се на се, нашиот семафор покажува 10 црвени светла, 6 жолти, 3 зелени и едно сиво – бидејќи не добивме одговор. Тоа значи дека Владата, ресорните министерства и другите институции не постигнале значителен напредок за половина од ветените мерки. А без тоа, нема како да се стигне до целта – намалување на загадувањето на воздухот.
