Според најавите, претседателот на Албанија денеска и утре ќе престојува во Скопје, а в сабота ќе биде во посета на Тетово
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денеска до сабота е во официјална посета на земјава.
Денеска и утре ќе биде во Скопје, при што ќе одржи средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претставници на државниот врв, а негова средба е најавена и со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Според најавите, чаирскиот градоначалник со свечен прием во Општината ќе го пречека албанскиот претседател, по што со делегациите ќе се упатат кон џамијата Мустафа Паша, а ќе ја посетат и Старата скопска чаршија, каде што ќе положат цвеќе на споменикот на Скендербег.
Во рамките на посетата албанскиот претседател ќе го посети и Тетово. Посетата ја најави тетовскиот градоначалник Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“,
напиша Касами во објава на Фејсбук.
Поради посетата на Бајрам Бегај, денеска, утре и задутре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим.
„Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје“,
велат од МВР и апелираат учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
