ЗНМ и ССНМ порачуваат дека ваквите одлуки нема да ги обесхрабрат, туку дополнително ќе ги мотивираат да застанат зад независните медиуми и јавниот интерес

Одбивањето на жалбата на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) од Апелацискиот суд Скопје отвора сериозни прашања за заштитата на истражувачкото новинарство и слободата на изразување, велат во заедничкото соопштение Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
ЗНМ и ССНМ порачуваат дека ваквите одлуки нема да ги обесхрабрат, туку дополнително ќе ги мотивираат да застанат зад независните медиуми и јавниот интерес.
Од ЗНМ и ССНМ велат дека според јавно достапните информации, одлуката на жалбата на ИРЛ е објавена, но образложението сè уште не е јавно соопштено и се очекува да следува во писмената пресуда.
„Потсетуваме дека станува збор за предмет за клевета и навреда, во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец ‘Заговор против воздухот’, емитуван во 2021 година“,
се наведува во соопштението.
Од Здруженијата потсетуваат дека првостепената пресуда во овој случај беше донесена во 2023 година и оти и тогаш имаше реакција.
„Пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ со цел да се оправда првостепената одлука“,
додаваат од ЗНМ и ССНМ.
Според нив, во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се занимава со новинарска дејност.
„Токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство“,
сметаат од ЗНМ и ССНМ.
Од здруженијата додаваат дека остануваат на ставот оти ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и да ја следат натамошната постапка по приемот на писмената одлука, вклучително и користење на сите расположливи правни механизми пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци.
Дополнително, како што велат од ЗНМ и ССНМ, овој случај е регистриран и квалификуван како СЛАПП случај на меѓународната Платформа за мапирање на медиумски слободи (Mapping Media Freedom / MMF), а реакции и осуда на ваквата пракса опасна за слободата на медиумите во Македонија имаа и Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари.
Скопскиот Апелациски суд денеска ја одби како неоснована жалбата што Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и уредничката Сашка Цветковска ја поднесоа на првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје, според која ИРЛ не нејзината уредничка изнеле лаги и клевети во документарецот, со цел да ги нарушат честа и угледот на бизнисменот.
Судијата додаде дека по однос на паричните трошоци судот ќе се произнесе во писмената изрека на пресудата.
Образложение на пресудата тој не изнесе. Тоа, како што налага постапката, треба да биде содржано во писмената објава на пресудата, што може да се очекува во наредниот период.
