Коментарот на членката на Судскиот совет следува откако министерот за правда Игор Филков ги повика Судскиот и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници и да утврдат дали има елементи за одговорност кај јавниот обвинител и кај судијата кој побарал, односно ја изрекол мерката куќен притвор за Груби
Членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, во објава на Фејсбук коментира дека Советот нема потреба да заседава и да расправа во врска со одлуката на судијата на претходна постапка, кој на барање на Обвинителството му одредил куќен притвор на поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби.

„Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“,
пишува Јошевска-Анастасовска во објавата на Фејсбук.
Нејзиниот коментар следува откако претходно денеска министерот за правда Игор Филков ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници и да утврдат дали има елементи за одговорност кај јавниот обвинител и кај судијата кој побарал, односно ја изрекол мерката куќен притвор за Груби.
„Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот; раководителот на обвинителството Анел Фидоски – дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот; судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, Марин Станевски – кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое 14 месеци било недостапно“,
повика Филков на денешната прес-конференција.
Според Филков, ако постои закана по безбедноста, како што процениле МВР и АНБ во случајот со Груби, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем.
