Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, министерот за здравство Азир Алиу кажа дека се одземени лиценците на компаниите: „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, кај кои се констатирани неправилности од различни аспекти – административни, инфраструктурни, технолошки, како и недостаток на човечки ресурси
Владата на денешната седница донела одлука за одземање на лиценците за одгледување марихуана за медицински цели на шест фирми, кај кои комисијата што ја формира Министерството за здравство утврдила повеќе недостатоци во работењето.
За одлуката на прес-конференција информира ресорниот министер Азир Алиу, кој во своето излагање, како и во одговорите на новинарските прашања на темата, рече дека станува збор за првите шест компании на кои им се одземени лиценците за дејноста, од вкупно 43 компании во кои треба да бидат направени контроли.

„Досега се извршени 13 контроли кај лиценцирани правни субјекти, при што кај шест од нив се утврдени неправилности согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Поради тоа Владата на денешната седница донесе одлука за одземање на одобрение за канабис за медицински цели кај овие шест правни субјекти“,
рече Алиу.
За потсетување, Министерството за здравство ја формира комисијата по заплените на 40 тони марихуана во земјава од повеќе фирми, што, пак, дојде по откривањето на пет тони марихуана во Србија за кои тамошните власти излегоа со сознанија дека канабисот потекнува од Македонија.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против шест лица кои се осомничени за вмешаност или поврзаност со шверцот на марихуана од Македонија во Србија.
Како што кажа Алиу одговарајќи на новинарско прашање, одземени се лиценците на компаниите, „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“.
Дел од нив, конкретно компанијата „Алфафарм“ се споменува во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал за откриените пет тони марихуана во околината на Крушевац, за што е осомничен и еден од нејзините четворица косопственици.
При контролите на фирмите, рече Алиу, се констатирани неправилности од различни аспекти – административни, инфраструктурни, технолошки, како и недостаток на човечки ресурси.
„Одлуките на Владата се засноваат на наоди од спроведените контроли и со кои се констатирани следните состојби – несоодветно складирање на сув цвет, при што тој бил затекнат отворен, односно без да биде соодветно запечатен и складиран во пропишани картонски кутии како што е наведено во Законот. Недоставени известувања до Комисијата за извршено производство, берба и купопродажба на сув цвет. Недоставена целокупна документација и договори поврзани со продажба и трансфер на сувиот цвет. Утврдено е, исто така, несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количини на сув цвет во сеф-собите. Недостасуваат известувања во рок од три дена за настанати промени согласно обврските утврдени со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции“,
наведе министерот за здравство.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој даде и конкретни примери велејќи дека кај некои од фирмите не работеле камерите за надгледување, дел немале човечки капацитети, а други немале обезбедување.
Според Алиу, Секторот за одгледување канабис за медицински цели мора да функционира строго законски, транспарентно и без сиви зони, без привилегирани и без заштитени.

Процесот на контрола на производителите на канабис за медицински цели, рече тој, открил и низа системски слабости, како и институционални празнини во регулативата што може да се користат за злоупотреби.
Затоа, посочи Алиу, по завршувањето на контролите кај сите 43 правни лица и по целосно утврдување на сите аномалии во системот, ќе се почне со изготвување на нова и поцврста законска регулатива за одгледување канабис за медицински цели.
„Како влада одлучни сме да не дозволиме било каква идна можност за манипулација и злоупотреба во овој сектор“,
рече Алиу.
Прашан зошто претходно не се вршени вакви контроли и дали ќе се бара одговорност од членовите на комисиите надлежни за овие проверки, Алиу повтори дека дел од пропустите констатирани сега се однесуваат на недостатокот на човечки кадри, а тоа можеби била и причината што претходно не се вршеле доволно контроли.
„Ние сме свесни дека човечките капацитети се многу лимитирани и затоа можеби не било постапено со редовни контроли во тие институции. Како и да е, дозволете да завршиме со тие 43 компании и на крај, секако, врз основа на недостатоците ќе се менува регулативата, но исто така и инфраструктурно ќе се доекипираме“,
рече Алиу.
Министерот не можеше да каже со сигурност дали во конкретниот случај станува збор за трајно одземени лиценци или овие компании ќе имаат можност во иднина да аплицираат за добивање нови.
„Знаете дека нашата работа е да констатираме дали тие компании работат во согласност со законот во смисла на исполнување на административните и инфраструктурни потреби. Ова нема да застане тука, други надлежни институции ќе продолжат да проверуваат дали тука и во други правни лица можеби има индиции за кривични дела или други законски прекршоци. Не можам со сигурност да ви одговорам на прашањето затоа што не сум правник и не знам дали имаат право со закон да аплицираат во постапка за добивање нова лиценца. Дозволете да се консултирам со стручните служби и да ве информираме“,
рече Алиу.
