„Ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамките на притворскиот систем. Ако обичен граѓани може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите“, порача денеска Игор Филков
Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници, да го разгледаат случајот и да утврдат дали има елементи за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. На новинарско прашање дали адресата треба да бидат МВР и АНБ кои ја направиле проценката за постоење ризик, Филков рече дека очекува одговори и од нив

Сведоци сме на скандал кој не смее да се премолчи, порача министерот за правда Игор Филков во однос на случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, второосомничен во предметот „Државна лотарија“. На прес-конференција, Филков, кадар на партијата ЗНАМ, кажа дека вчерашната одлуката за изрекување поблага мерка – куќен притвор наместо затворски, е тест за целиот систем бидејќи според него, станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство. Тој побара одговорноста да се лоцира со „име и презиме“ и ги повика сите „актери“ во постапката да дадат објаснување.
„Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот; раководителот на обвинителството Анел Фидоски – дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот; судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, Марин Станевски – кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое 14 месеци било недостапно“,
повика Филков.
Секоја одлука за олеснување на мерката треба да биде кристално јасна и правно издржана, кажа министерот, бидејќи во спротивно се отвора сериозен сомнеж за селективност. Не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите, рече тој.
„Ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем. Ако обичен граѓани може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите“,
додаде Филков.
Прашањата за одговорност Филков ги упати кон судството и обвинителството, а на новинарско прашање дали адресата треба да бидат МВР и АНБ кои ја направиле проценката за постоење ризик, Филков рече дека очекува одговори и од нив.
На дополнителни прашања за одговорност на извршната власт и какво влијание може да имаат овие оценки на МВР и АНБ за некои идни случаи, како, на пример, кој ќе екстрадира осомничени во земјава ако нема основни услови во затворите, Филков вели:
„Не префрлувам одговорност никому, само ги констатирам состојбите и ги артикулирам многу гласно. И јас очекувам одговори на истите прашања“.

Ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници, да го разгледаат случајот и да утврдат дали има елементи за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Филков кажа дека побарал објаснување за состојбата и од директорот на затворот преку Управата за извршување санкции, институција во надлежност на Министерството за правда.
„Бев информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција. Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка“,
посочи министерот за правда.
Филков најави дека ќе побара да се спроведе вонреден надзор во затворите низ земјава за да се утврди безбедносната состојба во нив. Потенцира дека залудно се носат закони ако не се спроведуваат.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска преку писмено соопштение одговори на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, објаснувајќи ги причините за предлогот што дојде од надлежниот обвинител, а беше прифатен од Кривичниот суд.
Велат дека за таквата одлука биле исполнети специфичните услови, односно дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на Артан Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
„…Обвинителството нагласува и дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“,
се наведува во соопштението.
Груби е второосомничен во случајот „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.
