Професори на општествени науки бараат при исполнување на критериумите за избор во доцент, вонреден или редовен професор, да се земаат предвид и трудови објавени на Scopus, а не само на Web of Science зашто велат дека ако тоа е остварливо за медицинските, техничките и природните науки, речиси е невозможно за општествените, особено за Право. Ова е една од темите на кои министерката за образование и наука Весна Јаневска зборува во емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: За најчувствителниот дел од нацрт-законот за високо образование – условите за избор во наставно-научни звања: доцент, вонреден и редовен професор. Ги заострувате критериумите, па главниот коментар е дека можеби за природните, техничките, медицинските науки овие критериуми се достижни, но дека за дел од општествените и хуманистичките науки објавувањето трудови во Web of Science индексирани списанија е речиси невозможно.
Јаневска: Не би се согласила, затоа што не знам зошто колегите мислат дека сè е овде направено арбитрарно, иако јас повторувам упорно дека 60-ина луѓе работеа на законот, дека потоа се вклучија и правници, сектори, сите што треба. Направени се сериозни анализи, разгледани се други закони, како и да е. Да, веројатно мислат дека е влијание од медицина. Мене ми е драго што тој факултет сè уште одлично се држи. Техничките факултети и Медицинскиот факултет генерално немаат проблем. Хуманистичките односно ние во законот набројавме неколку области: јазиците, историја на уметност, археологија, етнологија, национална историја, генерално тоа се хуманистички и ќе биде поправено во законот за сите хуманистички науки. Остануваат спорни општествените.
360°: Притоа, за овие што велите дека правите отстапка – филологија, фолклор, археологија, етнологија, национална историја – условот се смета за исполнет ако тие три-четири труда бидат објавени и во Scopus. Ако се сите хуманистички, и ако така биде напишано во законот, тоа прашање го ставате на страна. Е сега, што правиме со општествените? Веројатно областа Право е најчувствителната и оттаму доаѓаат и најголемите реакции. Велат дека се работи за национално специфична област во која значаен дел од трудовите се поврзани со националното право, па оттука и неможноста толку често да се објавува во Web of Science индексирани журнали.
Јаневска: Една од придобивките за објавување во овие две бази е обидот да се мотивираат професорите да соработуваат. И истото право од бивша Југославија го имаат и Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Црна Гора. Како што спомнав, Словенија, Хрватска и Србија имаат по четири универзитети на Шангајска листа, ние немаме ниеден. Огромен дел од базата Scopus се наоѓа во Web of Science. Најмалку 1300 списанија се од општествените науки, што значи со различен фактор на влијание. Но, ние факторот на влијание не сме го одредиле, не сме рекле „треба да биде два, три, четири“, тие и немаат високи фактори – техничките науки и медицина имаат високи. 0,1; 0,2 е доволно за да станат видливи. Вчера, бидејќи многу сериозно ги сфаќам расправите, се обидов од неколку извори да добијам информации и добив дека во Босна и Херцеговина постои професор од општествени науки кој објавува на Web of Science и има h-индекс 70. Ќе проверат колегите. Наши професори од нашиот Правен факултет имаат објавувано и имаат трудови на Web of Science. Да, бара повеќе ангажман, бара повеќе труд, бара повеќе посветеност. И тоа некогаш знае да биде тешко, тоа јас сум го искусила. Но, кога се определуваме да работиме на универзитет, ние веќе не сме малолетни, сме сериозни, возрасни луѓе навлезени во професијата, и знаеме што нè чека. И во еден период од животот тоа е исклучително тешко, но после тоа станува составен дел од животот. И уште едно нешто би сакала да кажам. Постојано се шири во јавноста дека е скапо објавувањето трудови на Web of Science. Има списанија во кои воопшто не се плаќа. Има списанија во кои, да, објавувањето може да чини две, три, четири илјади евра; за општествените до две, за другите и повеќе – и 5 000. Но, Министерството ја исплаќа секоја сума кога авторот ќе дојде со објавениот труд во списанието и со доказ дека ја направил уплатата. Секој. Лани имавме 25 такви автори, на 25 автори им беше исплатено.
360°: Една од работите што ги дознавме во оваа јавна дебата е дека значаен дел од академската заедница не го знаел ова.
Јаневска: Мене ми е многу жал. И дополнително, уште по 500 евра на сите што објавиле, но тоа е ограничено, тоа е до 300 луѓе. Сè плаќа МОН.
360°: Но, забелешката е дека многу чекаат на рефундирање на тие средства. Има ли начин да се обезбеди механизам во којшто наместо авторите, кога трудот ќе ги помине сите рецензии, парите да ги плаќа МОН, да не ги плаќаат професорите? Има ли таков начин да не се жалат професорите дека мора да се себекредитираaт за да објават труд, а потоа да чекаат со месеци МОН да им го рефундира тоа?
Јаневска: Жал ми е, во право сте, многу чекале. Лани и оваа година сè е исплатено навреме. Владата рече дека образованието ќе биде приоритет и треба да биде приоритет, и Владата го држи зборот. Дали некогаш може да се случи да се задоцни – веројатно може. Но јас ќе кажам, да, доцнењето беше големо, ние исплаќавме од ’21 и ’22. Тоа веќе сметам дека не би требало да биде така.

360°: Дали може вие да плаќате наместо професорите?
Јаневска: Може, може. Треба да видиме правилник некој, такво нешто. Еве сега, во овој момент мислам дека можеби би можело. Ако е прифатен трудот и донесат, нели, уплатница да се уплати – можеби би можело. Но ако имаат сигурен доказ дека чека за печатење трудот, веројатно би можело. Но универзитетите ја имаат и таа обврска да си ги поддржуваат своите научни истражувачи. Државата не се меша во трошењето на нивните таканаречени сопствени средства, кои де факто, исто така се државни, тоа е дел од автономијата. Новиот закон предвидува нов начин на финансирање – не е најпогоден, може да биде подобар, но ова е преоден период. Конечно, сите ние инвестираме во себе иако со оглед на висината на овие плати треба да се почека месец или два, или оној период додека биде објавен трудот или добијат доказ дека е во објавување – мислам дека може да биде потешкотија, но не е непремостлива. Како и да е, ви благодарам за идејата, ќе ја разгледаме.
360°: Е сега, правниците ќе чекаат, ќе ги оставите во неизвесност или ќе им кажете дали Scopus ќе го прифаќате како база во којашто ќе ги признавате овие три, односно четири труда што треба да бидат објавени не само на Web of Science индексирани списанија, туку и во Scopus?
Јаневска: Ние поминавме јавна расправа, односно имавме состанок со приватни, имавме јавна расправа на „Мајка Тереза“, имавме јавна расправа на „Климент Охридски“, останаа уште неколку. Јас се надевав дека во Битола ќе дојде и Универзитетот „Апостол Павле“, но не видов нивни претставници, што значи, ќе треба и таму да се отиде. Денес е јавната расправа на УКИМ. Јас се надевам дека колегите ќе имаат аргументирани ставови по сите овие прашања кои ние ги спомнавме. И доколку тие аргументи држат, а јас верувам, тоа се универзитетски професори, дека навистина сè што ќе биде аргументирано ќе биде баш аргумент – ако е тоа така, ќе поразмислиме и само за базата Scopus.
