Претходно, премиерот рече оти Македонија е жртва на класичен булинг во процесот на евроинтеграциите, бидејќи наместо систем на заслуги, за земјава важи билатерализација на пристапниот процес
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, попладнево, на социјалната мрежа „Фејсбук“, реагираше на обраќањето на премиерот Мицкоски на конференцијата посветена на европската иднина на Западен Балкан, во која меѓудругото, тој говореше оти Македонија е жртва на „булинг“ од страна на земја-членка на Европската Унија. Филипче вели оти ваквиот наратив значи намерна политика на изолација и антиевропска кампања што која се спроведува од страна на актуелната власт.
Според него, она што премиерот го нарекува „булинг“ и концепт на „прва и втора лига“ во ЕУ е всушност директна последица на неисполнетите реформи кои Унијата ги бара од државата, пред сè во правосудството, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.
„ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа пет тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан“,
напиша тој.
Филипче посочува дека додека земјите од регионот, како Црна Гора и Албанија, напредуваат кон членство користејќи ја шансата до 2027 година, Северна Македонија стагнира. Во објавата, лидерот на опозицијата упатува сериозни обвинувања за мотивите на власта, тврдејќи дека тие намерно не сакаат влез во ЕУ за да избегнат надзор при трошењето јавни пари.
„Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“,
заклучи тој.
Претходно, премиерот рече оти Македонија е жртва на класичен булинг во процесот на евроинтеграциите, бидејќи наместо систем на заслуги, за земјава важи билатерализација на пристапниот процес. Според него, Македонија е веројатно единствениот случај во Европа каде што напредокот не се вреднува според совладувањето на реформските предизвици, туку се темели исклучиво на билатерални прашања, што, како што вели, го нарушува кредибилитетот на Унијата, за што добил потврда од сè повеќе политичари во Брисел.
