Согласно договорот со Општина Струга, деканот на Градежниот факултет треба да формира тим од тројца професори кои детално ќе ги проверат клучните елементи во водоснабдителниот систем, а потоа да се изготви извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на состојбата
Стручен тим од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе врши анализа на водоснабдителниот систем во Струга за да ги утврди причините за заматувањето на водата од изворот Шум, од кој со вода за пиење се снабдуваат Струга и околните села.

Од Општина Струга информираат дека согласно договорот, деканот на Градежниот факултет треба да формира тим од тројца професори кои детално ќе ги проверат клучните елементи во водоснабдителниот систем:
„Вклучително изворот Шум, изворите во Горна Белица, влезните комори, резервоарите за водоснабдување, МХЕ-локациите и хлорната станица.“
По извршениот увид, треба да биде изготвен извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на состојбата која трае повеќе од една недела.
Струшкиот градоначалник Менди Ќура викендов објави дека лично ангажирал приватна фирма од Скопје која треба да ги утврди причините кои довеле до високо ниво на заматување на водата од изворот Шум. Во врска со актуелниот проблем, Ќура ја обвини поранешната локална власт.
Водата од струшкиот водовод десетина дена е забранета за секаква употреба поради висока заматеност. Во врска со случајот предмет отвори Основното јавно обвинителство Струга, кое ќе ги испитува причините за појавата и евентуално сторените кривични дела против животната средина и природата.
