Од министерството апелираат да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации што можат да му наштетат на дијалогот со ЕК, а особено да не се потпаѓа на шпекулации пласирани од соседните земји, оти секоја држава одлучува сама за себе, а Македонија продолжува со дијалог за трајно решение
Според Транспорт е најавено одложување на примената на Системот за влез-излез (ЕЕС) и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем
Во координација со Европската комисија (ЕК) се работи на трајно решение за престојот на превозниците во Шенген-зоната, информираат денеска од Министерството за транспорт.

Ова следи откако вчера медиумите во регионот објавија дека Европската комисија ги отфрла предлозите на земјите од Западен Балкан и транспортните здруженија во однос на ограничување на престојот на транспортерите во Шенген-зоната.
Од Транспорт велат дека ресорните министерства се во постојана комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение за проблемот.
„Во постојана комуникација сме со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија, во која се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци, како и можностите за друг вид визи“,
се вели во денешното соопштение од Транспорт.
Разговорите продолжуваат со засилена динамика
Оттаму потенцираат дека е најавено одложување на примената на Системот за влез-излез (ЕЕС) и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската комисија е активен и се разгледуваат сите можности од страна на техничката работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на ЕК. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел изнаоѓање трајно решение што е прифатливо за сите страни“,
додаваат од министерството.
Од Транспорт апелираат да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации што можат да му наштетат на дијалогот.
„Особено да не се потпаѓа на шпекулации пласирани од соседните земји. Секоја држава одлучува сама за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“,
пишува во соопштението.
Европската комисија ги отфрлила барањата на превозниците за Шенген
Регионалните медиуми вчера објавија дека Брисел ги отфрлил предлозите на земјите од Западен Балкан и транспортните здруженија кои беа упатени до ЕУ за да се најде компромис за примената правилото 90/180 за влез во Шенген-зоната за професионалните товарни возачи.
Поради ова, како што пишува „Вјести“, во наредните денови се очекува да следуваат нови форми на протест, со можни блокади на гранични премини и пристаништа.
Николоски е оптимист дека уште следната недела ќе се постигне решение за транспортерите
Министерот за транспорт Александар Николоски на 30 јануари изјави дека е оптимист оти на состанокот што ЕК го закажа со министрите од шесте земји на Западен Балкан, ќе се постигне договор за престојот на транспортерите во Шенген-зоната.
Портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт, пак, претходно изјави дека Комисијата е свесна за загриженоста што ја изразија транспортните оператори од Западен Балкан, дека внимателно ја следи ситуацијата и е во контакт со партнерите од регионот.
Нова Стратегија за визи – возачите се прифатени како професионалци
Инаку, министерот Николоски на 29 јануари објави дека Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, односно дека ќе бидат прифатени како професионалци.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!“,
напиша тогаш Николоски на Феjсбук.
Со тоа, главната пречка, според него, веќе е надмината – превозниците се препознаени како професионалци, а сега е прашање на методологијата кое решение ќе се изнајде.
Николоски: Одлични вести од Брисел, возачите се прифатени како професионалци
Во делот од најавената Стратегија, што ја објави Николоски, а која се однесува на „Намалување на сложеноста“, се посочува:
„Во моментов, законодавството на ЕУ дозволува престој во Шенген-зоната до 90 дена во период од 180 дена за патници кои не бараат виза и за оние на кои им е потребна виза. Секој престој подолг од 90 дена бара долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја членка. Сепак, некои професионалци од трети земји кои во голема мера зависат од мобилност меѓу земјите членки – како уметници на турнеи, спортисти кои учествуваат на спортски настани, експерти што работат на прекугранични проекти, работна сила што ги поддржува индустриите и услугите во ЕУ или возачи на камиони што опслужуваат бизниси во ЕУ – можеби ќе имаат потреба од пристап до различни земји членки повеќе од 90 дена во период од 180 дена, без да им е потребна долгорочна виза или престој во ЕУ. Ова создава комплексен систем, кој дополнително се усложнува поради постоењето на билатерални договори склучени од некои земји членки пред стапувањето во сила на Шенгенскиот правен систем (acquis). Овие договори им дозволуваат на државјани од одредени трети земји да престојуваат подолго од 90 дена, но само на територијата на конкретната земја членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенскиот правен систем“.
Минатиот месец превозниците со камиони неколку дена ги блокираа за товарен сообраќај граничните премини во државата. Освен македонските, блокада на граничните премини кои водат до Шенген-зоната правеа и превозниците од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Причина беше незадоволството на транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
Напладне почнува блокадата на камионските превозници на граничните премини во земјава
Електронскиот систем за влез и за излез (ЕЕС) на ЕУ започна со постепена примена од 12 октомври 2025 година, а целосната имплементација е предвидена до април годинава.
Системот е дигитална ИТ-платформа што ги заменува рачните печати во пасошите со автоматска евиденција на границите на Шенген-зоната.
При влез и излез, собира биометриски податоци и автоматски ја пресметува дозволената должина на престој според правилото 90/180 – максимум 90 дена во секои 180 дена за не-ЕУ граѓани.
За професионални превозници од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора, ЕЕС создава сериозни пречки бидејќи ги третира како туристи, а не како работници.
