Одговарајќи на прашањето, пак, кои се главните проблеми за бизнисот во државата, Бошков ги посочува регулативите и корупцијата

Освен 50-ина компании во земјава, другите немаат воведено стандарди за мерење на продуктивноста. Непродуктивноста се користи како флоскула која се користи за да не се зголеми минималната плата.
Ова во неделното интервју за РСЕ го вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.
„Одговорно тврдам дека непродуктивноста се користи како флоскула за незголемување на минималната плата – дека работодавачите не знаат, ама мора да научат што значи продуктивност“,
вели тој.
Прашан за ставот на Конфедерацијата во однос на зголемувањето на минималната плата, Бошков вели тие се согласуваат бидејќи постои механизам за тоа.
„Ние сме за зголемување на минималната плата. Морам да напоменам дека со усогласувањето во март ќе се покачи минималната плата, но, за останатиот дел од покачувањето нашето барање како предлог мерка беше од 600 до 6 000 денари, социјалните придонеси да бидат ослободени, каде што и работодавачите и владата можат да помогнат во насока на зголемување на платите на работниците и зајакнување на животниот стандард“,
изјави Бошков.
Одговарајќи на прашањето, пак, кои се главните проблеми за бизнисот државата, Бошков ги посочува регулативите и корупцијата.
„Порано, со години наназад, имавме регулаторна гилотина која донекаде имаше успешен почеток, меѓутоа кај нас оптоварувањето за водење на бизнис со парафискални процедури, со парафискални даноци, давачки со одредени извозни, увозни, производствени, тековни процедури во било која сфера – животна средина, енергетика, транспорт и таму – го отежнуваат начинот на водење на бизнис“,
кажа Бошков.
Тој ја додава и корупцијата како сериозен проблем при водењето бизнис.
