На средбата со украинскиот претседател било разговарано за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, а пред сè за праведен мир
Стратешките односи со САД се темелот на нашата стабилност и економски развој. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски по средбата што на маргините на Минхенската безбедносна конференција ја остварил со Ричард Гренел, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии.

Во објавата на Фејсбук во која информира за средбата, Мицкоски вели дека имал одлична дискусија со Гренел.
„САД остануваат нашиот најголем поддржувач и стратешки партнер. Во време на глобални предизвици, зајакнувањето на ова партнерство е од клучно значење за нашата национална безбедност и економски напредок. Градиме партнерство базирано на заемна почит, економска соработка и заедничка посветеност на мирот и стабилноста“,
порача Мицкоски во фејсбук-објавата.
Освен со специјалниот американски пратеник, на маргините на конференцијата во Минхен премиерот Мицкоски остварил средба и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

На средбата со Зеленски, на која присуствувале и министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, било разговарано за актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува Европа, за потребата од единство и солидарност, а пред сè за праведен мир.
„Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир“,
порача Мицкоски.
Во фокус на разговорот со украинскиот претседател било и продлабочување на соработката, економската размена и поддршката во процесите за напредок на двете држави.
