„Јасно ја пренесов нашата позиција дека Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања“, вели Мицкоски во објавата на Фејсбук за средбата со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека денеска во рамките на Минхенскиот безбедносен форум се сретнал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со кого, како што вели во објава на социјалните мрежи, разговарале отворено и искрено за европската перспектива на Македонија.

На средбата, Мицкоски вели дека јасно го пренел ставот дека Македонија останува постветена на европскиот пат, но и дека земјата заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.
„Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите кои ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција, Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања“,
вели Мицкоски во објавата на Фејсбук за средбата со претседателот на Европскиот совет.
Премиерот навел дека македонската влада работи на суштински реформи, како што се владеење на правото, борбата пртив корупцијата, економската стабилност и подобар животен стандард за граѓаните.
„Европската иднина не е само политичка цел, таа е избор за подобра држава. Продолжуваме да работиме. Одговорно, чесно и со јасна визија за Македонија во Европа!“,
додава Мицкоски.
За потсетување, земјава сè уште ги нема отворено поглавјата од пристапните преговори со Европската Унија бидејќи условот за тоа е вклучувањето на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.
Актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не се согласува уставните измени да бидат направени без претходно земјава да добие гаранции од Брисел дека нема да има други услови и вето од Бугарија на понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ.
Претходно денеска премиерот Мицкоски соопшти дека во рамки на 62. Минхенска безбедносна конференција, остварил средба со раководството на унгарската телекомуникациска компанија „Фор ај џи“на која се разговарало за пакет од 100 милиони евра инвестиции во неколку сфери во земјата. Исто така, тој имал работна средба и со менаџментот на германскиот гигант „Шварц груп“ под кого работат светски познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“.
Мицкоски од денеска престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во рамките на конференцијата шефот на Владата ќе оствари повеќе билатерални средби со европски лидери, високи претставници и раководители на меѓународни безбедносни институции. Разговорите, како што информираат од Владата, ќе бидат фокусирани на регионалната геополитичка стабилност и улогата на нашата држава како фактор на стабилност на Западен Балкан и активен член на НАТО.
На маргините на Минхенската безбедносна конференција планирани се и средби со високи претставници на Европската Унија, како и со шефови на држави и влади.
