Шефот на Стејт департментот потврди дека неговото обраќање ќе биде в сабота и оцени дека учесниците на конференцијата очекуваат јасна и искрена порака од Вашингтон за насоката во која се движи земјата, како и за идните односи со сојузниците
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Марко Рубио, ќе има свое обраќање на Минхенската безбедносна конференција, во кое се очекува да ги нагласи блиските врски меѓу САД и Европа.

„Европа ни е важна. САД се длабоко поврзани со Европа. Нашите иднини отсекогаш биле поврзани и ќе продолжат да бидат. Само треба да разговараме за тоа како изгледа таа иднина“,
кажа тој.
Шефот на Стејт департментот потврди дека неговото обраќање ќе биде в сабота и оцени дека учесниците на конференцијата очекуваат јасна и искрена порака од Вашингтон за насоката во која се движи земјата, како и за идните односи со сојузниците.
Сепак, додаде и дека светот живее во нова ера на геополитика.
Рубио ја нарече Минхенската конференција како важен настан и истакна дека веќе имал многубројни приватни разговори со американските сојузници.
Инаку, повеќе од 1 000 делегати од над 115 земји, вклучувајќи 60 шефови на држави и влади и 100 министри за надворешни работи ќе учествуваат на 62. Минхенска безбедносна конференција (MСЦ) што почнува денеска.
За потсетување, минатата година потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, зборувајќи на истата конференција, посочи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп има безбедносни загрижености во врска со Европа, но и верба во можноста за разумно решение на конфликтот во Украина.
Венс, исто така, оцени дека Европа се оддалечува од своите основни вредности што ги споделува со САД.
Говорот предизвика силни критики во Европа.
